Премиерот Мицотакис презема низа активности и иницијатива за „поддршка на грчката Македонија за да го информира цел свет дека тоа е вистинската Македонија, автентичната Македонија“, нагласи министерот за внатрешни работи на Грција, Такис Теодорикакос во интервју за грчкото радио „Параполитика“.
– Еден меѓународен договор што има потпис од грчкиот Парламент, премиерот и министерот за надворешни работи не може да се смени, изјави Теодоракис во врска на Договорот од Преспа.
Како што јави МИА од Атина, во однос на обвинувањата од СИРИЗА до актуелната грчка Влада, тој вели дека е „срамота оние кои имаат одговорност“ за договорот, кој, според него, е „срамен компромис“, сега да ја обвинуваат Нова демократија за недоследност.
Теодорикакос во интервјуто истакнува дека „на апсолутен и јасен начин“ актуелниот грчки премиер Кирјакос Мицотакис, како лидер на опозицијата бил против Договорот од Преспа, кој го карактеризираше како „штетен за националните интереси“.
– Истото мислење го имаме и денес. И бидејќи го имавме и го имаме ова мислење, пред да биде потпишан овој договор, направивме сѐ за да го спречиме постигнувањето и потпишувањето. Стигнавме до точка да доставиме и предлог за гласање недоверба на Владата и да го предупредиме секој пратеник за одговорноста што ја презема пред грчкиот народ и историјата од овој развој на настаните. За жал, не не послушаа. Уште тогаш предупредивме дека тогаш беше времето да се запре овој договор, бидејќи не може меѓународен договор што има потпис од грчкиот Парламент, премиерот и министерот за надворешни работи, да се смени. Исто така, се обврзавме дека ќе водиме тешка битка, колку што е можно за да ги намалиме негативните последици на овој договор, вели грчкиот министер за внатрешни работи.
Тој додава дека Мицотакис како премиер, презема низа активности и иницијатива за „поддршка на грчката Македонија за да го информира цел свет дека тоа е вистинската Македонија, автентичната Македонија“.
Теодорикакос во интервјуто истакнува и дека за ова прашање позицијата на Нова демократија била и сѐ уште е апсолутно доследна и кредибилна.