(хронологија на незаконитостите и неуставностите што станаа наше секојдневие)
Страшо АНГЕЛОВСКИ
Еве, повеќе од две години една група луѓе која лажно се претставува како влада на држава, сега веќе, според нив, со променето име, се обидува незаконитостите да ги претстави како власт што блеска. Незаконитости и неуставности, започнати на 27 април 2017-та. Незаконитости и неуставности со кои во овој двегодишен период ги урнаа народните идеали, ги урнаа националните интереси, ги урнаа државните институции… Незаконитости и неуставности, секоја изродена од онаа претходната, што како џиновско спирално сврдло брутално удира директно во темелот на државата на македонскиот народ – Република Македонија.
Најпрво, зошто велам група луѓе која лажно се претставува како Влада на државата со сега веќе променето име? Затоа што токму тука лежи почетокот на оваа голгота на македонскиот народ и македонската држава – во незаконското и неуставно продолжение на седницата на Собранието на Република Македонија вечерта на 27 април, на која на незаконски и неуставен начин се прикрпи (недоволно) парламентарно мнозинство, без официјален записник (без кој, инаку, во судскиот регистар не може да се заведе ниту куќен совет и негов претседател), чии понатамошни активности даваат незаконски и неуставни резултати, меѓу кои и можноста една група луѓе да се претставува како Влада (незаконски избрана токму од тоа незаконско и неуставно мнозинство), најпрво на Република Македонија, а денес, како Влада на држава со променето име.
Таа и таква, незаконска и неуставна Влада, распиша незаконски и неуставен референдум, чии резултати незаконски и неуставно ги дисквалификува и, лажно претставувајќи се како овластен преговарач во името на македонскиот народ и македонската држава, незаконски и неуставно потпиша договор со претставници од Атина (за кои допрва ќе видиме дали биле овластени од сопствениот народ или и тие делувале незаконски и неуставно), со кој го промени името на македонската држава и го избриша постоењето на македонскиот народ.
Потоа, незаконски и неуставно, користејќи го незаконски и неуставно формираното диво месо во македонскиот правосуден систем, Специјалното јавно обвинителство, незаконски и неуставно амнестираше или уценуваше пратеници во македонското Собрание за да дојде до потребната бројка за отварање на Уставот и прифаќање на Договорот од Преспа, потпишан од нелегитимен и неовластен претставник на македонскиот народ и македонската држава.
И сето ова, криминално поддржано од високи претставници на таканаречената меѓународна заедница, односно претставници на САД и ЕУ, кои, иако знаеја дека сето ова што се случува е незаконски и неуставно, заради свои лични интереси, мешајќи се во внатрешните работи на Република Македонија, лажно ја потврдуваа неговата уставност и законитост, со што овозможија нелегитимни и неовластени преговарачи, во име на македонскиот народ и македонската држава, да потпишат договори со несогледливо штетни последици токму за тој народ и таа држава – македонскиот.
За да не должам, зашто и продолжена верзија на толстоевата “Војна и мир“ е четиво толку кусо што не може да ги содржи сите незаконитости и неуставности што ни се случија во изминативе нешто повеќе од две години, ќе објаснам зошто го пишувам сето ова.
Го пишувам, бидејќи во медицината постои поговорка која, парафразирано, вели дека доколку успееш да ја дијагностицираш болеста, ќе го најдеш и лекот. Го пишувам за да им укажам на сите оние кои сега создаваат “партиски програми“ во вид на политички памфлети, со три точки:
- Поништување на договорот со Атина;
- Поништување на договорот со Софија;
- Поништување на Законот за двојазичност, со што, лажејќи ги бескрупулозно, најпрво најзагрижените македонски патриоти, а потоа и целата македонска јавност, дека единствено се обидуваат да се доберат до малку местенце на политичката сцена во државава.
И, за да не се разбереме погрешно, верувам дека сите ние го посакуваме истото, со волшебно стапче, преку ноќ, да се избрише се што незаконски и неуставно и се случи на нашава држава. За жал, бидејќи не живееме во бајките на браќата Грим, туку во една сурова политичка реалност, мораме да ја прифатиме бруталната вистина дека не можеме преку ноќ да ја ликвидираме лошата маштеа, а на Снежана, преку бакнежот на принцот да и го вратиме среќниот живот. Не можеме преку ноќ да го повратиме она што според најцрно сценарио, со учество на најмоќни актери, со неограничени финансиски ресурси, беше подготвувано и спроведувано со години наназад.
Го пишувам ова, потенцирајќи ја незаконитоста и неуставноста до ниво на досада, сметајќи дека единствен начин да ги поништиме сите штетни договори и закони реализирани во последниве две и повеќе години е да докажеме дека се донесени, потпишани и реализирани од неовластени и нелегитимни претставници на македонскиот народ и македонската држава. Од луѓе кои незаконски и неуставно го узурпирале правото да не претставуваат и одлучуваат во наше име, а поддржани од, на пример, Бејли, Хан и Могерини и редица други, кои, пак, ќе мораат да одговараат пред меѓународните судови за непроценливата штета што и ја нанесоа на Република Македонија. Да одговараат затоа што со предумисла, иако свесни дека се вршат незаконски и неуставни дејствија на штета на државата и народот, вршеле притисок и користеле влијание од позиција на моќ, за да ја воспостават незаконитоста и неуставноста во Република Македонија, а за свои или на организациите или државите од каде доаѓаат, интереси.
Затоа, во ситуација кога, реално, е речиси невозможно да се собере мнозинство од 81 пратеник во Собранието (вклучително и Бадинтерово мнозинство), за собраниско поништување на уништувачките договори и закони, ни останува подолгиот, помачниот и понеизвесниот пат. Пат, по кој уште како ни се важни одлуките на правосудните системи на три земји членки на Европската Унија, Грција, Унгарија и Шведска, дека се она што се случуваше на 27 април не е онака како што се прикажува. Пат по кој, сакам да верувам, ќе тргне и “меѓународната заедница“, посебно ЕУ со новата Европска Комисија, пат без двојни стандарди, пат на цврста сувереност на државите. Пат, кој да се надеваме дека новиот комесар за добрососедска соработка Ласло Трочањи широко ќе го поплочи со право, законитост и уставност.
Некаде на тој пат, ќе мораме да докажеме дека сите уништувачки договори и закони ги потпишале неовластени претставници на македонскиот народ и македонската држава. Дури потоа почнува битката за нивно поништување. Битката за постоењето на македонскиот народ и македонската држава.
(авторот е претседател на МААК)