Нигериската војска денеска ослободи 25 деца откако утврди дека немаат врска со исламистичките групи на североисток од земјата, соопшти УНИЦЕФ.

Ослободените деца, 23 момчиња и две девојчиња, се предадени на властите во Борноу, држава која најмногу е погодена од судирите.

– Овие деца се одземени од нивните семејства и заедница, лишени од детство, образование, здравствена заштита и шанса да пораснат во безбедно и добро опкружување, рече в.д.претставничката на УНИЦЕФ за Нигерија, Пернил Ајронсајд.

На децата ќе им се овозможи пристап до медицинска поддршка, образование и обука, се наведува во соопштението на УНИЦЕФ.

Во судирите на владините сили со исламистичката група Боко Харам во Нигерија загинаа повеќе од 30.000 луѓе во изминатите 10 години.

Не е познато колку деца биле вовлечени во вооружени групи, вклучувајќи го и Боко Харам, ниту како биле регрутирани.