Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски – Кичеец, осомничени во случајот „Рекет“.
Како што се наведува во соопштението од Јавното обвинителство, првообвинетиот се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а двете други лица за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинетото лице се товари и дека сторило и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
– Првообвинетиот во периодот од ноември минатата година до април годинава, искористувајќи го своето претпоставено влијание врз второобвинетото лице – јавен обвинител, влијаел да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши. Тој, искористувајќи ги претходно воспоставените пријателски односи,влијаел врз второобвинетата, при спроведувањето на истражна постапка во предметот со работен наслов „Империја“, да ја олесни положбата на сведокот кој во предметот е еден од осомничените и на кого по предлог на јавниот обвинител му било определена мерка притвор. Третообвинетиот битно придонел за извршувањето на кривичното дело со договарање на континуирани средби на првообвинетиот со сопругата на сведокот, а подоцна и со сведокот, притоа уверувајќи ги во неговото влијание врз јавниот обвинител, појаснува Јавното обвинителство.
Второобвинетата ја искористила службената положба и откако првообвинетиот заедно со третообвинетиот ги добил договорените 500.000 евра од сопругата на сведокот доставила до Апелациониот суд во Скопје предлог за определување поблага мерка – куќен притвор, кој бил прифатен. Воедно, согласно договорот, по исплатата на првите 1.000.000 евра, второобвинетата доставила писмена согласност до судот одземената патна исправа привремено да му биде вратена на сведокот.
Со преземените службени дејствија, второобвинетата ја искористила и ја пречекорила својата службена положба и овластување и за себе прибавила имотна корист во значителен износ и тоа во предмети – мебел во износ од 296.040,00 денари и пари во износ од 50.000 евра, а за противзаконито влијание другите двајца обвинети примиле награда од 1.500.000 евра. Првообвинетиот иако невработен, со блокирани трансакциски сметки и без приход, на почетокот на оваа година купувал за себе луксузен мебел, облека и обувки и престојувал во луксузни летувалишта – ресорти надвор од државата што упатува дека ги пуштил во оптек паричните средства што ги прибавил со кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“.
Со обвинителниот акт, до Основниот кривичен суд – Скопје е доставен и предлог за продолжување на изречените мерки за обвинетите.