Поради немање кворум, претседателот на Собранието Талат Џафери, 116. седница на која на дневен ред е предлогот за избор на потпретседател на законодавниот дом ја закажа за утре во 15 часот.
Џафери информира дека претходно врз база на консултации со сите координатори се усогласиле оти според бројот на присутни пратеници во државава денеска без проблем можело да се одржи седницата.
– По одлука политичка, партиска, опозицијата, тоа е нивно право, јас не порекнувам, решиле да не учествуваат во работата на оваа седница. Јас очекував дека процедурално ќе ја кажат причината. Според условите за гласање за да може да се одвива седницата, нема услови да се одлучува. Во претходна консултација со координаторите, присутните координатори ветуваат дека утре ќе можат да обезбедат кворум од минимум 61 пратеник, потребен за одлучување, рече Џафери.
Зеќир Рамчиловиќ, кој од 1 ноември во парламентот функционира како независен пратеник, е предложен да биде нов потпретседател на законодавниот дом од страна на пратеници од ДУИ и СДСМ.
Групата пратеници ова барање вчера го доставиле до претседателот на Собранието.
Претходно, Рамчиловиќ на 1 ноември го известил претседателот на Собранието Џафери дека ја напушта Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и оти ќе функционира како независен пратеник.
Рамчиловиќ на местото потпретседател на Собранието доаѓа по оставката на Весел Мемеди.
Според најавата од Џафери, утре, доколку има услови зависно од текот на седницата, во определен момент ќе ја прекине 116 седница и ќе ја продолжат 111.седница на која треба да се гласа за Предлог закон за академија за судии и јавни обвинители, во прво читање.