Пратениците во попладневниот дел од 116. седница ја продолжија расправата по Предлог-законот за гаранција од државата за Договор за заем од 179 милиони долари за дополнително финансирање на автопат Кичево – Охрид којшто ќе се склучи меѓу Експорт – импорт банката на Кина и Јавното претпријатие за државни патишта.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски истакна дека проценетата вредност на дополнителните финансиски средства за проектот за кој лани беше изгласан анекс на договорот од страна на Собранието, е вкупно 179.694.572 долари. Заемот ќе биде доделен со рок на отплата од 20 години и вклучен грејс период од пет години. Каматна стапка е фиксна и ќе изнесува два проценти на годишно ниво за целото времетраење на заемот.
Пратениците од власта и од опозицијата со меѓусебни обвинувања за криминал во однос на договорите за овој проект со кои средствата биле обезбедени со кредити.
Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ, вели убеден е во криминалноста на овој договор за задолжувањето од, како што рече, 198 милиони евра, и оти ниту министерот за транспорт и врски не е убеден дека ова е добар договор.
-Кои беа вашите тези во 2011 година – Владата е криминална затоа што се задолжува за тогаш 505 милиони долари за два автопата, кинеската Сине хидро е криминална. По седум години што дојде сега. Сега не е министер Миле Јанакиески, туку Горан Сугарески. Кинезите – тие се криминалците и тогаш и сега, ако сте биле во право. Јас сум убеден дека такви луѓе не постојат, но вие ги етикетиравте. Кинезите им давале проценти на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, сега Вас не знам што ви даваат. Тогаш Сине хидро не чинеше бидејќи во Србија некој направил за многу помалку пари повеќе автопат. Сега на тие пари вие додавате уште 200 милиони со анекс во пазарна економија. Зарем нема некоја фирма која би рекла – да, јас овие клучки овие траси ќе ги поправам за 50 милиони. Каде се видело во Европа анекс од 200 милиони, праша Стевананџија.
Според парламентарното мнозинство криминал бил направен со првиот догор за автопатот во вредност од 505 милииони долари, бидејќи во него не биле предвидени клучни и други позиции. Со овој анекс – договор велат се обезбедуваат пари за тоа, а цените на многу ставки се пониски во однос 1:3.