Убеден дека ќе победиме на следните парламентарни избори, вели премиерот Зоран Заев во интервју за Радио Слободна Европа.
– Секако, тоа е одлука на граѓаните. Тргнувам од впечатокот за тоа што е постигнато во овие две и пол години, каква е алтернативата, односно што нудат нашите опоненти и определбата за идниот раст и развој на нашата земја. Верувам дека со програма којашто ќе продолжи како континуитет на сето ова што досега е направено, граѓаните ќе имаат јасна определба да победиме на следните избори на 12 април, вели Заев во неделното интервју на РСЕ.
На прашањето за случајот „Рекет“, и на тврдењата на опозицијата дека тој е главата на октоподот во „Рекет“, Заев вели дека таква работа веројатно немало шанса да излезе на површина ако се случувала во времето на Груевски.
– Не може да се случи без знаење на премиерот ако премиерот е автократ и ако има контрола врз сите процеси во државата. Таква работа веројатно немаше шанса да излезе на површина ако се случуваше во времето на Никола Груевски. Во таквите случаи обично врхушката на власта ќе ги собереше парите, но сега премиерот го пријавува случајот, јас самиот го пријавив самиот случај и тоа беше јасно кажано и од обвинителството и од сите. Зоран Заев е пријавител на случајот, Зоран Заев не е под истрага, ако има што било поврзано со овој случај, сакам да биде обелоденето, вели тој.
Во врска со последните настани во судството, и најавата за ветинг, Заев вели дека процесот на ветинг може да се стартува врз претходно јасно утврден модел.
– Ветингот може да го стартуваме, на претходно јасно утврден модел каде што политичарите се надвор од процесот на одлучување, со конечна цел да направиме едно комплетно растресување и промена на менталното однесување во правосудството. Тоа паралелно треба да се случува и со државната власт, но би рекол и во други сегменти во општеството. Што е ново? Ново е тоа што сега ќе инсистираме на еден брз процес на продуцирање кадри за судии и обвинители. Тоа веќе стартуваше, 60 кандидати веќе завршуваат, ќе има и уште нови 60 кандидати. Верувам дека со ЕУ ќе обезбедиме и брза трака за оние со над пет години работно искуство, како што се стручните соработници во судовите, адвокати, професори до над пет години работно искуство, да имаат пократок период на учење низ академијата, рече премиерот.
Заев, во однос на последните условувања од страна на Бугарија околу прашања од историјата, вели дека „бугарската страна се обидува, секако тоа е нивно право, да се позиционира како што мисли во делот на затворањето на одредени прашања низ Мултидисциплинарната комисија“.
– Ние сме втората страна, низ разговор ќе ги решиме и овие прашања. Ние имаме решено четири историски поглавја. Нема да дозволиме повторно да ги вратиме кавгите, проблемите и слично, затоа што сме мала земја. Придобивки ќе имаме ако градиме пријателство, секако не на штета на нашиот идентитет, на нашиот народ, на нашата иднина или слично. Тоа ќе го правиме на начин којшто отвора перспективи за идните генерации, за младите и за децата, вели премиерот Заев во интервју за РСЕ.