Премиерот Зоран Заев старото ветување го враќа како нова надеж за просечна плата во Македонија од 500 евра, ветување што го ширеше на митинзите пред доаѓањето на власт.

– Со новото покачување на минималната плата од 14.500 денари, заедно со субвенционирањето на придонесите за работодавците кои ќе ги покачат платите до 100 евра, очекуваме да дојдеме многу блиску до 30.000 денари просечна плата, напиша Заев на својот профил на Фејсбук.

Заев натаму во објавата шири оптимизам:

– Ако порано просечната плата растеше за само 800 денари за 2 години, сега за 2 години платите се покачија за 2.300 денари и ќе продолжат да растат уште многу повеќе. Резултатите во економијата станаа видливи и опипливи. Ќе продолжиме да инвестираме во човечкиот капитал, пишува Заев во објавата.