СИЛЈАНОВСКА: „Рекет“ не дело на 2-3 луѓе, Јанева не е самата креаторка на случувањата!

/ 03.12.2019

Во вeчерашната емисија на Алфа телевизија, Гордана Силјановска Давкова појасни дека „Рекет“ не е злосторничко дело сторено од 2-3 чинители, туку тоа е цела една мрежа, систем во кој има вплеткано многу луѓе.

-Бојан Јовановски е само еден од актерите, се работи очигледно за мрежа, не верувам дека е и главниот, ниту пак верувам дека Катица Јанева е самата креаторка на сето она што се случувало. И тоа е невозможно, бидејќи дело се прави со чинење и нечинење. Таа не била сама, туку опкружена со луѓе со кои разговарала, луѓе кои што добивале надоместоци, луѓе кои ја советувале, луѓе кои имале увид во предметите, така што тоа не е случајно, истакна Силјановска Давкова.

Таа додаде дека секогаш режисерите на вакви дела се надвор од ова, започна скромно и по политичарите да се истражува и по сите кои што имаат некаква улога во „Рекет“.

-Поради тоа не е само Јовановски рекетар, сепак се создава впечаток дека некому одговара да глуми жртва, да е во шок, дека невозможно е такво нешто да се случи. Демек се работи за личност која што сама тоа го извела. Тоа е еден цел систем. И претпоставувам ако навистина има желба во ЈО и во судството за фрлање на еден темелен поглед на оваа ситуација која што пак има врска со целата општествена ситуација особено има врска со начинот на владеењето, тогаш ќе има лекција од правото и правдата. Инаку ќе завршиме повторно во некој спектакл на судот од судските сали ќе правиме естрадни места и тогаш резултатот нема да го видиме, нагласи Силјановска Давкова.

Во врска со упатеното мислење на Владата до Собранието за автентичното толкување на одредбата за помилување, Силјановска Давкова која што посочи дека Владата не е Уставен суд, да може во тоа име да говори што е уставно, а што не.

-Прво Владата не е Уставен суд, и не може да каже што е уставно, а што е неуставно. Меѓутоа она што мене како правник ме изненадува е следново, ако не постои за владата членот 11 како што се тврди, тогаш како тоа ќе прави Собранието, ќе посегне по автентично толкување на нешто што не постои, запраша Силјановска Давкова.

Таа додаде дека тој член беше оживеан на еден многу чуден начин со членот 11а.

-Ако постои член 11а, А-то нема никаква логика да стои без 11. Секогаш ме зачудуваат вакви дилеми за нас правниците, зошто не е само во прашање правната логика туку во прашање е и здравиот разум. Како ќе оценувате нешто што велите дека не постои. Тоа значи посегање по волшебнички, а не по правни инструменти, заклучи Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова рече дека ќе беше многу подобро ако иницијативата за автентично толкување на членот 11 од друг овластен предлагач, од Врховниот суд, или од самиот Уставен суд, или од Народниот правобранител.

-Кога било кој друг е предлагач тогаш Владата дава мислење како сега, а Владата ги повика пратениците да покренат ваква постапка. А, вака повторно Владата се однесуваше патерналистички кон парламентот, кон пратениците и пак не водеше сметка за начелото на поделба на власта, рече таа.

Силјановска му порача на Уставниот суд да побара мислење од Венецијанската Комисија за оваа иницијатива за автентично толкување. Топло му препорачувам на Уставниот суд да посегне по барање на„ amicus curiae brief“ односно пријателско мислење од Венецијанска Комисија вообичаено за Уставните судови на државите членки на Советот на Европа впрочем на линија на нашата европеизација, истакна Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова додаде дека очекува по новата методологија за мерење на нашиот напредок токму Венецијанската Комисија како најпрестижно правно тело да има можност да врши контрола врз земјите кои што очекуваат почеток на преговори, а потоа и да се разговара за членството.


Од истата категорија