Русија е подготвена да направи се што е во нејзина моќ за да го дестабилизира Западен Балкан, еден е од главните заклучоци во извештајот од седницата на Советот за надворешни работи на Велика Британија, пренесува хрватски Експрес.

Седницата била одржана пред самитот за Западен Балкан во Лондон а заклучоците се однесуваат на земјите од Словенија до Македонија и Грција. Во извештајт се наведува дека ЕУ во последните 10 години го запоставила регионот а тоа го искористиле надворешни сили како што се Русија, Турција и Кина кои настојувале да го исполнат празниот простор.

Лондон оценува дека од тие три земји, Русија претставува најголема закана имајќи ги предвид шесте земји кои уште не се членки на ЕУ – Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Косово, Македонија и Албанија.

Во ивештајот се наведува дека руското влијание во регионот е слабо во однос на турскиот и кинескиот и заради слабата економска присутност, но потоа се објаснува во што е проблемот: „Русија е подготвена да стори се што е во нејзина моќ за да го дестабилизира Западен Балкан и неговиот пат кон стабилност и демократија. Тоа се гледа во руската поддршка во обидот за државен удар во Црна Гора во 2016 година.

Покрај тоа, постои загриженост дека Русија ќе се обиде да го спречи потпишувањето на договорот меѓу Македонија и Грција за промена на името на Македонија“, се наведува во извештајот.

Потоа се додава дека Русија можеби и ќе го поддржи референдумот, но оти притоа ќе користи други средства.

На седницата учествувал и Роберт Купер, британски дипломат и советник при Европската комисија, кој рекол дека „Русите се многу успешни во влошување на лошите ситуации“.