Борис ДАМОВСКИ
Рани 90-ти, се договарам за реклама со пост комунистички директор во рана фаза на приватизација на фирма. Одиме на состанок, голема канцеларија, огромно биро, бабачко директор…. и …..
убаво врамена фотографија на Гоце Делчев над местото кај што седи, тро подесно од директорот. Од лева страна огромен фикус, израснат многу над висината на таванот така што морале да го свиткаат во лак и врвот да го врзат со ортомче. Прилично декоративно, но за вкусовите не се разговара, особено таму кај што ги нема. Разговараме, договараме, ортакот продолжува за финансиските моменти, мене погледот ми лута по артефактите на социјализмот и тогаш забележувам дека зад листовите на фикусот кој е извиен во напнат лак, се крие убаво врамена фотографија на Јосип Броз Тито.
Ме фаќа смеа, директорот ме погледнува зачудено, а јас без да размислам, кикотејќи се му велам:
– Се сменат ли времињата, само го сечете ортомчето, фикусот се исправа, и оп – Тито наместо Гоце.
Во кратката тишина која настана пред директорот да каже “Добро, да размислиме, ќе се чуеме, имам друг состанок сега…” , ортакот и јас веќе знаевме дека ништо од бизнисот.