Хрватска од денеска е новиот претседавач со Европската Унија. Претседателството го презема од Финска, а во јуни ќе го предаде на Германија.
Овој ден официјален Загреб го смета за историски, имајќи предвид дека државата е последната која влезе во ЕУ, а веќе има сериозна задача пред себе.
Хрватскиот премиер Пленковиќ веќе во наредните денови ќе биде домаќин и ќе има средби со голем број од челниците на европските институции, јави дописникот на МИА.
Веќе на 7 јануари, два дена по вториот круг на претседателски избори, Пленковиќ патува во Париз на средба со францускиот претседател Емануел Макрон. Една од теми на разговор, според најавите ќе биде и проширувањето кое за време на хрватското претседателство ќе биде висока на агендата. Три дена подоцна во Загреб доаѓа претседателот на Европскиот Совет. Веќе на 16 јануари, Пленковиќ оди во Германија на средба со канцеларката Ангела Меркел.
Владата во Загреб веќе ги започна и подготовките за Самитот на ЕУ, кој во мај ќе се одржи во Хрватска. Овој самит има големо значење и за нашата земја. Имено, Северна Македонија по октомврискиот состанок на унијата во Брисел, има големи очекувања од самитот во Загреб, каде што властите на Северна Македонија, но и на најголем дел од државите членки на ЕУ, се надеваат дека на земјава ќе им биде доделен конкретен датум за почеток на преговорите. На тоа се надева и официјален Загреб. Тамошната влада неколку пати повтори ставот, дека отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија е нешто што треба да се случи за време на нивното претседателство, а тоа на францускиот претседател Макрон пред само неколку недели директно му го кажа хрватскиот премиер Пленковиќ. Хрватските власти најавија дека на мајскиот самит во Заграб, ќе бидат поканети да учествуваат и шест држави од Југоисточна Европа.
По Хрватска, претседателството со ЕУ ќе го преземе Германија, по што оваа задача ќе ја имаат Португалија, па Словенија.