Економско-социјалниот совет под претседателство на поранешната министерка Мила Царовска незаконски, со прекршување на одредбите од Деловникот за работа одржувал седници и носел мерки од сферата на неговите надлежности, вели министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи и бара Јавното обвинителство по допрен глас да го преиспита овој случај да постапи согласно одредбите од Кривичниот законик.

-Станува збор за грубо прекршување на Деловникот за работа на ЕСС во неколку одржани седници на Економско социјалниот совет. На 35-та седница одржана 30 јуни 2017 година, Мила Царовска побарала да биде донесена дополнителна точка на дневниот ред за измена на Деловникот за работа на ЕСС на што се спротиставиле членовите на репрезентативните синдикати и се изјасниле дека не биле известени за промените во дневниот ред, по што ја напуштиле седницата, рече на денешната прес-конференција министерката Мизрахи.

Таа појасни дека согласно членот 8 од Деловникот за работа на Советот, седница се одржува доколку присуствуваат најмалку три претставници на Владата и најмалку три претставници од социјалните партнери, а согласно членот 3 од истиот Деловник седниците на Советот се свикуваат со предлог дневен ред најмалку осум дена пред одржувањето на седницата.

-За самоволието и криминалното работење на Мила Царовска како претседател на ЕСС, говори и тоа дека неколку наредни седници поточно на 36-та, 37-та и 38-та седница на Советот каде било дискутирано за низа на популистички мерки, тие  биле усвоени без потребниот кворум за работа на Економско социјалниот совет што е спротивно на Деловникот за работа на Советот како и Спогодбата за основање на Економско социјалниот совет, потенцира Мизрахи.

За ова грубо прекршување на Деловникот за работа, според неа, било посочено и од членовите на репрезентативните синдикати на 40 седница на ЕСС одржана 26 декември 2017 година.

-Со сите овие против правно одржани седници на ЕСС кои се водени без потребниот кворум, повторно е извршено грубо прекршување на Деловникот согласно член 12 став 4 и 5 во кој Записникот се усвојува на наредната седница на Советот, а спротивно на тоа претходно споменатите седници Мила Царовска ги усвојува и потпишува на 5 јануари 2018 година. Оттаму го повикуваме Јавното обвинителство да отвори предмет по допрен глас и да го преиспита овој случај и незаконското работење на тогашниот претседател на Економско социјалниот совет Мила Царовска и по истото да постапи согласно одредбите од Кривичниот законик на Република Македонија, истакна министерката за труд и социјална политика.

Според неа, ваквото, како што рече, криминално работење на СДСМ и Царовска мора да престанат и него  да сносат одговорност пред граѓаните и пред лицето на правдата.