Во светло на одржувањето на свечената седница на Собранието на Република Македонија по повод донесувањето на Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор, претседателот на Собранието Талат Џафери, оствари одделни средби со официјалните гости од земјите членки на НАТО, блиски соседи на Република Македонија: Цвета Карајанчева, претседателка на Народното собрание на Република Бугарија; Василика Хиси, потпретседателка на Парламентот на Република Албанија; Генци Ниманбегу, потпретседател на Парламентот на Црна Гора и Мирослав Туѓман, специјален претставник на претседателот на Хрватскиот сабор и шеф на Делегацијата на Саборот во ПС на НАТО.
Како што соопштија од собраниската прес-служба, на средбите, претседателот Џафери го подвлече историскиот момент кој денес заеднички го споделува и со претседателите и претставници на парламентите на земјите членки на НАТО кои се блиски соседи на Република Македонија, со претседателот на ПС на НАТО, како и со амбасадорите на сите земји членки на НАТО. Регионално, нашето зачленување ќе донесе голема безбедносна стабилност на фрагилниот Западен Балкан и ќе значи поттик и за другите држави да работат на планот на зајакнување на сопствената безбедност и стратешка меѓународна позиционираност.
Претседателката Цвета Карајанчева ја искажа поддршката на Република Бугарија од самиот почеток на определбата на Република Македонија за членство во НАТО и во ЕУ. Таа нагласи дека Договорот за пријателство ги обврзува двете држави да ги почитуваат и исполнуваат своите обврски и побара негово доследно спроведување во периодот што следи. Претседателката Карајанчева изрази задоволство за заедничкото претседавање на двете земји со Берлинскиот процес, кој нуди добра основа за унапредување на заемната економска и инфраструктурна соработка. На крајот, таа посочи дека очекува земјата да добие датум за почеток на преговори за членство во ЕУ и на тој начин поактивно да ги користи сите можности кои ќе ѝ бидат на располагање за исполнување на обврските за членство во ЕУ.
Потпретседателот Ниманбегу, исто така, го означи денот како историски за земјата и изрази искрено задоволство што има можност да присуствува на денешната седница на Собранието на Република Македонија. Според него, сите земји од Западниот Балкан, доколку реално се определат, треба да станат земји членки на Алијансата, бидејќи тоа е придобивка за целиот регион. Заклучувајќи дека недобивањето датум за преговори предизвика политички процеси во Република Македонија, тој изрази надеж дека актуелниот евроатлански курс на земјата ќе продолжи во истата насока и по парламентарните избори во април оваа година.
Потпретседателката Хиси и г. Туѓман, изразувајќи ја поддршката за членство во НАТО и во ЕУ, истовремено ги споделија и своите видувања за идните придобивки од зачленувањето на Република Македонија во Северноатлантската алијанса, темелните вредности и принципи кои секоја земја членка истовремено ги почитува, промовира и надградува, како и улогата на сите заедно во чувањето на светскиот мир, глобалната безбедност и сигурност. Беше истакната и потребата од понатамошна проактивна добрососедска политика, градење стабилни политички и економски односи меѓу државите од регионот и јакнење на парламентарната дипломатија.