Финансиската полиција во Италија ќе поднесе кривични пријави против сите трговци кои продаваат заштитни маски за лице и други производи кои ги огласуваат преку Интернет како заштита од новиот коронавирус наречен Ковид-19.
Како што пренесуваат италијанските медиуми, освен што цената е преголема, продавачите преку Интернет лажно тврдат дека нивните производи нудат „целосна заштита“ од коронавирусот.
Финансиската полиција во соопштението наведува дека се поднесени пријави за 20 лица кои лажно огласувале, а запленети се илјадници маски за лице и прочистувачи за воздух.
Лажното огласување се казнува со затворска казна во траење до две години.
По појавувањето на коронавирусот во Италија, во неколку делови на земјата маските за лице и антибактериските гелови се купувале во огромни количини, по што се препродавале по енормни цени.
Италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи ди Мајо на прес-конференција рече дека Владата разгледува мерки за смирување на цените.
Светската здравствена организација апелира маски да се носат само во случај на редовен контакт со заразени лица и оние кои кашлаат и киваат.