Тони МИХАЈЛОВСКИ

Јавното здравство никако не е заедничка одговорност. Кон заедничка одговорност се прибегнува само заради префрлање на вината и исчезнување на главниот виновник. Колективната одговорност бара висока индивидуална свест, и ако ја нема води кон безредие, а нас токму тоа ни се случува. Безредие.
Спроведувањето и почитувањето на мерките, е тоа е колективна одговорност. Тие мерки ги носат надлежните институции и оние што раководат со нив, а не народот.
А мерките беа никакви, или во најмала рака неефикасни. И сеуште се такви, но за тоа допрва ќе се зборува.
Не се граѓаните одговорни што сапун беше првата, и долго време единствена, мерка. А “срам с’с сапун не се мие”. Директорката, докторка, го докажа тоа. И докажа дека индивидуалната свест кај оние кај кои што треба да е на највисоко ниво, воопшто ја нема. Не се виновни ниту тие што пополнувале прашалник за влез во земјата, ниту оној што го контролирал тој прашалник, ако воопшто некој ги читал тие ливчиња. Виновен е тој што ја вовел таа генијална мерка за спречување на ширење вирус со пополнување прашалник. На поверење.
-Сите се прашани шефе!
-И?
-Сите рекоа дека немаат вирус.
-Да не лажеше некој?
-Не шефе!
-Од кај знаете?
-Сите допишаа жими мајка на ливчето.
-Температура?
-Немаше никој…ама има шанси наопаку да сме го ставале топломерот. Со живата накај нас.
-А како треба?…
Не може заеднички да сме одговорни што има едвај 100 респираторни апарати вкупно кај нас. Не сме заеднички одговорни за тоа што на клиника има помалку од 1000 дози за тестирање на вирусот ковин 19. Не сме, и не можеме ние да бидеме одговорни што границите ни се како швајцарско сирење па вирусот влезе како на гости. Не сме ние одговорни што школите, градинките, кафеаните и фабриките не престанаа да работат.
Наместо да носите полу мерки од 18ч, наместо да се фемкате по телевизии и конференции за медиуми, наместо да ја префрлате вината во неодговорноста на народот, донесете конкретни и ефикасни мерки, а оној што нема да ги почитува ставете го во затвор. Затворете ги границите, регрутирајте и мотивирајте го финансиски медицинскиот персонал, активирајте полиција, армија, воведете максимална контрола, изградете барем една привремена барака за изолација, набавете аспиратори, кревети. Хаосот, допрва почнува. А Вие сте одговорни и задолжени да биде ставен под контрола.
п.с. Од толку миење раце ми се појавија два закона од Њутн, и дел од Питагоровата теорема…