Спортскиот директор на Рома, Рамон Мончи се закани дека ќе го даде Бордо на суд поради неуспешниот трансфер на Бразилецот Малком.
Техничарот беше договорен меѓу двата клуба и дури требаше да лета кон Рим за медицински прегледи, кога Барселона интервенираше и успеа да го го земе во последните секунди.
– Ќе видиме кои се опциите за нас. Точно е дека немавме потпишано ништо, но има еден куп пораки со агентите и претседателот на Бордо, кои имаат вредност, прокоментира Мончи.
Тој потоа објасни како поминале последните часови од сагата.
– Шефот на Бордо, Стефан Мартен ми кажа дека добиле подобра понуда од Барселона и ако не ја кренеме нашата, нема да го добиеме играчот. Му реков дека веќе сме се договориле и дека зделката е практично готова, но тој ми објасни дека ништо не е потпишано и покрај размената на некои документи со потписи. Го информирав нашиот претседател за промената и тој ми даде зелено светло да притиснам и да упатам нова понуда која ќе биде подобра од онаа на Барселона. И го информирав Бордо дека нашата понуда е подобра, продолжи Мончи.
Спортскиот директор вели дека во 23 часот имале подготвено документ со понуда на шефот на тимот, Џејмс Палота.
– Но, им реков на Бардо дека таа е последна, бидејќи не сакавме да наддаваме. Не можевме да продолжиме така, додаде Мончи.
Бразилскиот играч од средниот ред на крај беше објавен како играч на Барселона, а каталонците за него платија 40 милиони евра, плус бонуси за претставување.