Во Германија, повеќе од 146 .000 луѓе се заразени со коронавирусот, и ако се гледа таа статистика, Германија го избегна сценариото на Италија, во која има 24.000 починати од вирусот.

Германија нема толку многу смртност, но секој ден има нови инфицирани. Една од причините зошто кај нив не се случи сценариото кое ги погоди многу земји е добриот здравствен систем, придржување кон мерки за физичка дистанца, но според проф. д-р Андреј Трампуж, раководител на инфективниот оддел во престижната берлинска болница „Шерити“, исто така клучно било и брзото тестирање на луѓето.

Во Германија оваа недела беше воведена мерка со која се бара задолжително носење заштитна маска, за што проф. Д-р Трампуж смета дека е воведена доцна, затоа што во спротивно тие би имале помалку заразени и починати.

Германија исто така има проблем со ширењето на вирусот во старечките домови, но и во болниците, а 5 до 10 проценти од лекарите и медицинските сестри се заразени со коронавирусот.

„Иако првиот бран не беше тежок како што пресметувавме, сè уште не сме на врвот на оваа пандемија и важно е да продолжиме да тестираме, физички да се дистанцираме и да ги почитуваме сите мерки, бидејќи во спротивно може да очекуваме втор бран наскоро“, вели тој.

Сè уште не сме на крајот на првиот бран, па затоа е рано да зборуваме кога ќе се појави вториот, вели д-р Трампуж, потенцирајќи ја важноста на вакцината, што можеме да ја очекуваме за неколку месеци, а можеби и една година.

„Животот сигурно ќе се смени и нашите секојдневни активности отсега ќе вклучуваат носење заштитна маска, тоа исто така значи дека ќе има секојдневно тестирање, туристички патувања нема да има, границите за туристите ќе бидат затворени и сето тоа сè додека не се најде вакцина“, објасни тој. 

Иако некои германски лекари веруваат дека коронавирусот не е толку опасен, тој сепак посочува дека овој вирус е исклучително опасен и треба да се спроведат мерки за да не се повтори сценариото на Франција, Италија и Шпанија.