Словенија е првата европска земја што прогласи крај на епидемијата на коронавирус.
Владата на Сливенија синоќа го прогласи крајот на епидемијата на телефонска сесија. Националниот институт за јавно здравје процени дека сите показатели покажуваат дека ширењето на коронавирусот се смирило, односно дека се регистрирани вкупно 35 нови случаи на инфекција во последните 14 дена.
Првиот потврден случај на коронавирус во Словенија е регистриран на 4 март. До 13 мај биле потврдени 1.464 случаи на инфекција, а од ковид-19 починале 103 лица. Епидемија на коронавирус во Словенија беше прогласена на 12 март.
Словенците и граѓаните на другите земји членки на Европската унија нема повеќе да одат во 14-дневен карантин по влезот во земјата, јави дописникот на МИА од Љубљана.
Ова одлука, што беше на сила од средината на март, е укината за сите, освен за граѓаните од трети држави, односно за оние од државни кои не се дел од ЕУ.
Во карантин нема да одат и граѓаните на трети земји кои имаат привремено или трајно живеалиште во ЕУ, а во странство не биле повеќе од две недели.
Полицијата соопшти дека на граничните премини на лицата кои влегуваат во земјата ќе им се даваат фалери со препораките на Националниот институт за јавно здравје во однос на заштита и спречување на ширењето на коронавирусот.