Страшо АНГЕЛОВСКИ
Читам деновиве, во интервју за загребскиот “Вечерњи лист“, техничкиот премиер изјавил дека “секој што си го сака семејството и децата нема да гласа за десната опозиција“, туку “ќе гласал за македонската левица, т. е. СДСМ“.
Вака некако, парафразирано, ми прозвуче неговата изјава. Па, доколку точно го протолкуваме, меѓу редови ќе разбереме дека, наспроти десничарите, кои, нели, според него, си го мразат и семејството и сопствените деца, тие, наследниците на КПМ (Комунистичка партија на Македонија) и КПЈ (Комунистичка партија на Југославија), СДСМ, се луѓето кои безрезервно си го сакаат семејството и децата. Толку многу, што се подготвени да сторат се, ама буквално се, заради љубовта кон нив.
И, таа констатација, за жал, е точна до болка и, докажана во изминативе триесеттина години. Токму луѓето од врвот на СДСМ се оние кои се докажаа во љубовта кон семејството и децата. Па така, уште во дамнешните деведесетти, значи пред дваесет и повеќе години, криминално и незаконски, нормално, за да има за нивните семејства и за нивните деца, преку процес наречен “приватизација“, приграбија се што дотогаш сите заедно создавале во државава. Истовремено, околу 200.000 вработени, кои исто така имаа семејства и деца, заради нивната “безгранична љубов“, останаа на улица, без можност на своите дечиња да им овозможат основен, достоинствен човечки живот. Беа тоа оние,кои според “техничкиот“, не си го сакаат ниту семејството, ниту децата, зашто не беа подготвени заради љубовта кон нив да му се придружат на СДСМ во криминалот.
Минативе, пак, три години, со уште поголема жар ја докажуваат својата љубов. Така, еден од нив за својата ќерка обезбеди стипендија од околу 40.000 евра годишно заради студии во Холандија; друг за својот син стипендија од над 140.000 евра, но за да уште повеќе ја докаже својата љубов кон своите деца, одби и намалување на пратеничката плата на ниво на минимална, зашто нели “кој тогаш ќе му ги рани децата?“; една распеана советничка за својата снаа обезбеди неколку стотини илјади евра преку Фондот за иновации; десетици и десетици од нив преку истиот Фонд обезбедија средства во висина од милиони евра за своите золви, јатрви, стрини, вујни… и ви докажаа како се сака семејството.
И нормално, од љубов кон семејството и децата, на своите најблиски им доделија и недоброј тендери и тендерчиња, а, на пример, на човекот кој за подобар живот на сопственото семејство, неуморно работеше – дење како градоначалник на Ново Село, ноќе како шверцер на цигари во државава, му доделија и лиценца за производство на марихуана за неговиот син. Зашто, семејството и децата не смеат да страдаат. Нивните, се разбира.
Бидејќи примери за докажаната љубов на функционери на СДСМ кон семејството и децата има недоброј, меѓу кои и криминалното СЈО како детска градинка за дечиња на функционери, примерот со министерот за здравство, кој не дотера до степен на најголема смртност од Ковид 19 во регионов, е исклучителен. Тој, фотографирајќи се како на своето внуче му дава вакцина со капаче на иглата, заканувајќи се дури и со казни кон сите останати задолжително да ги вакцинираат своите дечиња, докажа дека тие, функционерите на СДСМ не само своите деца, туку и своите внучиња ги сакаат бескрајно. А вашите внучиња, прашувате? Е вашите, вашите не се нивни, за нив немаат љубов. Вашите внучиња, за жал, се безвредни за нив и за нивните двојни стандарди.
А дека нивната љубов нема граници, кога се во прашање нивните блиски, докажува и крајната широкоградост на еден нивни висок функционер, за кого битолчани велат дека не само семејството, туку и сите свои љубовници од градот и околината беше ги сместил на работни места.
После ова, се надевам сите ќе се согласите со изјавата на “техничкиот“, зашто функционерите на СДСМ и на дело докажаа како се сака семејството, децата, па дури и љубовниците, своите, се разбира. И, додека ги скенирате фискалните, раскомотени од неплаќањето радиодифузна такса, сетете се на ова и заминете на гласање кога и да се случи.
На крај, ќе цитирам дел од документ кој се наоѓа во Архивот на военоисторискиот институт во Белград, во фајлот на Штабот на врховната команда (ЈВУО), со ознака К-12. 30/12, а е дел од говорот на еден од највисоките функционери и еден од идеолозите на тогашната КПЈ (за чиј наследник се прогласи СДСМ), Моша Пијаде, на Првото заседание на АВНОЈ, ноември 1942, во Бихаќ.
Вреди внимателно да се прочита:
“… Потребно е затоа, да се создадат толку многу бездомници, за да станат мнозинство во државата. Затоа, ние мораме да палиме. Ќе запукуваме, па ќе се повлекуваме. Германците нема да не најдат, па од одмазда ќе ги палат селата. Тогаш, селаните кои ќе останат без кров над глава, сами ќе ни се придружат, ние ќе го имаме народот со себе и ќе загосподариме со ситуацијата. Оние што немаат ниту куќа, ниту земја, ниту стока, брзо ќе ни се придружат нам бидејќи ќе им ветиме голем грабеж. Потешко ќе биде со оние што имаат некаков имот. Нив ќе ги врзиме за себе со предавања, театарски претстави и друга пропаганда.
Селанец кој поседува куќа, земја и стока, работник кој прима плата и има леб, воопшто не вредат за нас. Ние мораме нив да ги направиме бездомници, пролетери. Само несреќниците стануваат комунисти, затоа ние мораме да им ја создадеме несреќата, масата да ја фрлиме во очај. Ние сме смртни непријатели на секоја благосостојба, ред и мир…“
Ова е идеологијата на следбениците на КПЈ и КПМ, ова е, за жал, принципот според кој се раководат следбениците на Зоран Заев и денес во нивната гола борба за власт, тие кои се подготвени да ви ја создадат несреќата, за да како несреќници им се придружите и барате помош од нив.
Тоа се оние кои заради сопствените семејства и деца “создаваат несреќа“ за вашите семејства и вашите деца. И, доколку сметате дека има и подолно од ова, слободно поддржете го Заев во неговото “смртно непријателство на благосостојбата, редот и мирот“, во надеж дека ќе добиете дел од “ветениот голем грабеж“.
Затоа, да не го дозволиме последниот зацртан чекор – да не им дозволиме сите нас, според нив – “масата“ – “да не направат бездомници и да не фрлат во очај“. Заради сите семејства и сите деца во Република Македонија.
(авторот е претседател на МААК)