Преку 40 милиони млади во светот на возраст од 13 до 15 години користат тутун.
Речиси девет од 10 пушачи почнуваат да пушат пред да наполнат 18 години. Секоја година тутунската индустрија инвестира повеќе од девет милијарди американски долари за рекламирање на своите производи. Младите луѓе сè повеќе стануваат нејзина и мета на никотинските и тутунските производи.
Ова се само дел од податоците што ги објави Светската здравствена организација (СЗО) која денеска промовира нов инструмент за учениците на возраст од 13 до 17 години и ја најавува кампањата по повод Светскиот ден без тутун – 31 Мај. Со инструментот СЗО сака да ги предупреди младите на тактиките со кои тутунската индустрија се обидува да ги „навлече“ на производи што создаваат зависност: забави и концерти спонзорирани од тутунската и сродни индустрии, вкусови за електронски цигари од типот на мастика за џвакање или бонбона, трговски претставници на електронски цигари кои вршат презентации по училишта и платени реклами за нивните производи во популарни емисии за младите.
Според СЗО, дури и за време на глобалната пандемија, тутунската и никотинската индустрија не престануваат да рекламираат производи кои ја намалуваат способноста на луѓето да се борат против коронавирусот и да се опорават од болеста.
-Индустријата понуди бесплатни брендирани маски и испорака до дома за време на карантинот, а згора на тоа и лобираше нивните производи да бидат наведени како „есенцијални“. На овој начин прави обид да ги замени осумте милиони луѓе кои нивните производи ги убиваат секоја година со нови купувачи на истите тие производи, наведува СЗО.
Светската здравствена организација напоменува дека државите можат да ги заштитат децата од експлоатација од страна на тутунската и сродните индустрии така што ќе донесат строги закони за контрола на тутунот, вклучувајќи и регулација на производите како што се електронските цигари на кои веќе почна да се „навлекува“ нова генерација млади луѓе.
Воедно ги повикува сите сектори да помогнат да се стави крај на маркетиншките тактики на тутунската и сродните индустрии кои ги „демнат“ децата и младите.
-Училиштата да одбиваат каква било форма на спонзорства од никотински и тутунски компании и да забранат нивни претставници да им зборуваат на учениците, познатите и влијателни личности да ги одбиваат сите понуди за спонзорство од никотински и тутунски компании, телевизиите и продукциските куќи да престанат да прикажуваат употреба на тутун или електронски цигари на екранот, социјалните мрежи да забранат рекламирање на тутунот и сродни производи, како и нивно рекламирање од страна на влијателни личности, Владата и финансискиот сектор да не вложуваат средства во тутунската и сродните индустрии, препорачува СЗО.
Состојба во Македонија
На 19 мај 2020 година СЗО го промовираше Извештајот за Студијата за однесувањата поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст „Здравјето и добросостојбата на адолесцентите во фокус“, кој ги прикажува резултатите од истражувањето спроведено во 2017/2018 година.
Република Македонија е една од 45-те земји на Европа и Канада учеснички во студијата, а македонските адолесценти на 11,13 и 15-годишна возраст се дел од преку 220.000 адолесценти опфатени со истражувањето. Во студијата, покрај многуте аспекти од однесувањето на адолесцентите кон сопственото здравје, се обработени и употребата на цигарите во текот на животот и во последните 30 дена, како и поврзаноста со имотната состојба на родителите, споредбено во 2014 година и 2018 година.
-Податоците за РС Македонија покажаа дека преваленцата на употреба на цигари во текот на животот се уште е висока кај адолесцентите на 15-годишна возраст (22 отсто девојчиња и 31 процент момчиња во 2018 година, 23 отсто девојчиња и 27 проценти момчиња во 2014 година) при што евидентен е наглиот пораст на бројот на адолесценти пушачи на цигари на 15-годишна возраст во споредба со адолесцентите на 13-годишна возраст (шест отсто девојчиња и осум проценти момчиња во 2018 година, четири отсто девојчиња и осум проценти момчиња во 2014 година), наведува СЗО Канцеларијата во Македонија.
Преваленцата на сегашни пушачи на цигари, односно адолесценти кои се изјасниле дека пушеле цигари во последните 30 дена, во 2018 година кај 15-годишните адолесценти изнесува 12 отсто за девојчињата и 19 проценти за момчињата. Во 2014 година преваленцата изнесувала по 16 отсто и за девојчињата и за момчињата.
Момчињата во поголем процент се изјасниле дека пушат цигари за разлика од девојчињата, но разликата со возраста се намалува, со тоа што се зголемува процентот на девојчиња кои пушат цигари. Социјалните нееднаквости во имотната состојба на родителите не се евидентирани како фактор кој влијае на преваленцата на пушење цигари кај адолесцентите од двата пола.
Влијанието на тутунската индустрија врз адолесцентите е истражувано и во нашата држава
Истражувањето за употреба на тутун од страна на деца на возраст од 13 и 15 години спроведено во 2002/3, 2008 и 2016 година (Global Youth Tobacco Survey) во Република Северна Македонија покажа дека иако има тренд на намалување, се уште во 2016 година децата во околу 40 отсто виделе рекламирање на тутунски производи на продажни места, 17,5 отсто имаат предмет (пенкало, маица и сл. ) кој има лого на цигари, 72 отсто од децата виделе на ТВ, видео или филмови лица кои употребуваат тутун. Исто така, на 6,6 отсто од адолесцентите им била понудена цигара од претставник на тутунската индустрија.
Кампањата на СЗО се фокусира на заштита на децата и младите од експлоатација од страна на тутунската и сродните индустрии. Инструментот, пак, се состои од активности во училница (едукативно видео, квиз за разбивање митови, домашни задачи) меѓу кои е и активноста во која учениците треба да замислат дека се другата страна, односно тие да ја играат улогата на тутунската индустрија за да станат свесни за тоа како таа се обидува да ги изманипулира за да конзумираат производи кои носат смрт.