За да се запазат роковите треба да се одржат парламентарни избори на 5-ти јули, повтори синоќа техничкиот премиер Оливер Спасовски, а со истиот став е вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, смета дека избори треба да има дури откако ќе се стави крај на епидемијата со коронавирусот.
– Изборите мора да се одржат врз основа на законските прописи и врз основа на владината уредба. Таа уредба ги прекина активностите околу изборите. Така што, кога ќе заврши вонредната состојба, роковите за избори ќе продолжат и остануваат уште 22 дена, а тоа се поклопува со 5-ти јули како можен датум. Затоа, ако ги следиме овие факти тогаш датумот за избори е јасен. Нам ни треба функционална држава и ако нема избори ќе нема ништо, истакна Спасовски.
Според него, изборите ќе се организираат согласно протоколите, со внимание да имаме успешен и мирен изборен процес.
Премиерот нагласи дека сега имаме состојба во која ќе живееме подолго и затоа мораме да имаме избори во првиот можен рок, бидејќи немаме начин како да функционираме како држава ако немаме избори.
– Очекувам сите политички парти да направат сопствена анализа и да учествуваат на изборите, дополни Спасовски.
Според него, комуникација може да има во секое време само партиите да најдат прифатлив датум за избори. Тој нагласи дека и 21 јуни беше можен датум за избори, но ситуацијата налагала продолжување на вонредната состојба, додавајќи дека смета оти согласно условите нема потреба од нова вонредна состојба.
Тој напомена дека државата е нефункционална и дека изборите се решение за да можат институциите да ги исполнуваат обврските во целосен капацитет.
– Што ќе ни се случува по месец, два, три… дали нема да има нови заразени? Ова нема да заврши преку ноќ, а ние мораме да ги комплетираме институциите. Ако имавме полн политички мандат со функционален парламент ќе беше поинаку, ќе функционираше државата. Затоа сега, според протоколите за заштита, ќе направиме се да имаме безбедни избори. Ако носиме маска во маркет, во ресторан, тогаш зошто да не носиме и на гласачките места, потенцира Спасовски, кој воедно е и потпретседател на СДСМ.
Мицкоски нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена за дијалог и откако успешно ќе заврши пандемијата може да се зборува за поконкретни датуми и чекори за избори.
– Доколку од оваа призма како човек, како граѓанин барате одговор од мене, одговорот би бил: Ве молам дајте да се обидеме да спасиме што повеќе човечки животи и да работиме со нашите граѓани на протоколи, на мерки, да ги заштитиме од потенцијалната инфекција на овој вирус. Ајде прво тоа да го завршиме, бидејќи гледаме дека три месеци поминаа зад нас фрлени во ветер, ништо не се случи, ајде прво тоа да го завршиме а потоа првиот слободен термин да ги организираме тие избори. Тоа да се случи откако ќе се избориме конечно со оваа пандемија, рече Мицкоски.
Околу тоа, што ќе прави неговата партија ако СДСМ и ДУИ се одлучат за избори на 5 јули, Мицкоски рече „секоја чест ако тие решат да одат на избори кога броиме десетици заболени и неколкумина починати дневно и оти нема што да додаде ниту да одземе на тоа прашање“.
– Втурнувањето на граѓаните во еден таков период за мене како одговорен човек и политичар значи дополнително зголемен ризик по нивниот живот, рече Мицкоски.
Тој потврди дека до имало меѓупартиска комуникација за договор за датум за парламентарните избори, но оти таа прекинала по зголемувањето на бројот на заболените од Ковид-19 во земјата, во петокот.
-Не се чуствувам пријатно да зборувам за избори во ваква ситуација, рече Мицкоски.
Османи смета дека нема друг датум освен 5 јули за одржување на предвремените парламентарни избори, посочувајќи дека такви се роковите и законски и логични.
– Ставот ние го кажавме, нема друг датум освен 5 јули во овој период што доаѓа. Такви се роковите, и законски и логични и какви било. Јас очекувам дека ќе постигнеме договор за 5 јули, за да ги вратиме институциите. Меѓутоа кога би ставил пак „на вага“ еден да заболи од изборниот процес, па макар и асимптоматски да биде, дали вреди сето тоа. Така што еве во овие две недели да ги следиме трендовите, нагласи Османи.
Тој истакна дека последната воведена двонеделна вонредна состојба им помогнала како Влада да работат помалку под притисок на роковите и да се фокусираат на здравствената состојба во овој период, а во меѓувреме да продолжат да разговараат со политичките партии.
– Јас не очекувам граѓаните да не разберат, но ние како министри кои што функционираме на дневна основа знаеме колку ни треба што побрзо функционален Парламент и политичка Влада, така што ние сме во една тешка позиција на наметната ситуација поради ова со Собранието за којашто никој не е виновен. Собранието се распушти на 12 февруари кога никој не знаеше дека ќе имаме епидемија тука во државата, потенцираше Османи.
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји порача дека ќе контактира со македонските власти за гаранции дека има доволно време за изборна кампања и дека изборите ќе бидат фер.
– Ја видов најавата на Владата дека има намера да одржи избори на почетокот на јули, треба да ги погледнам деталите, она што засега можам да го кажам е дека изборите треба да бидат фер и слободни и да има доволно време за кампања, можност за партиите да водат кампања. Треба да видиме и како ова може да се имплементира под Ковид правилата, ќе го отворам ова прашање со македонските власти затоа што е многу важно да се обезбеди дека изборите ќе бидат целосно фер, рече Вархеји.