Во Министерството за внатрешни работи во моментов има 41 лице позитивно на Ковид – 19, а 180 вработени се во самоизолација, информира денеска Тони Ангеловски, портпарол на МВР за „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.

Ангеловски рече дека бројката на заболени во МВР е променлива, и оти постојано се спроведуваат препорачаните мерки.

– По сознанието дека имаме тројца вработени во првата зграда на МВР, едниот е советникот на министерот Наќе Чулев и двајца вработени во бифето во зградата кое ги опслужува вработените, веднаш е направена епидемиолошка анкета од Институтот за јавно здравје на вкупно 67 лица. Констатирано е дека пет лица треба да бидат во самоизлоација во наредните 14 дена, вели Ангеловски.

Сепак, додадва тој, тие се чувствуваат добро и нема потешка слика кај вработените. Меѓу нив е и државниот сектретар Магдалена Несторовска и едно лице од службата за односи со јавност.

Според портпаролот на МВР, има доволно заштитна опрема за полициските службеници на терен.