Според резултатите од анкетата на БИПС, најголема доверба од граѓаните во четвртата изборна единица има Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој има поддршка од 25,8 гласачи, а Зоран Заев има поддршка од 23,7 отсто од граѓаните од оваа изборна единица.
Инаку, Николоски денеска на почетокот на изборната кампања од Струмица порача дека е време да се случат промените за да може народот да ја види разликата, потенцирајќи дека во тригодишниот мандат на власта на СДСМ, државата е национално опустошена и економски уназадена.
„На првиот ден од кампањата за избоите што ќе се случат на 15 јули, тука сме во Струмица. Решив кампањата да ја стартувам овде од Струмица како носител на четвртата изборна единица затоа што сметам дека промената мора да тргне токму од тука од Струмица. Во Струмица имаме едно континуирано 18 годишно владеење на една структура, на еден човек и едно семејство и време е за промени. Време е да се случат промените за да луѓето ја видат разликата. Во Македонија имаме повеќе од тригодишно владеење кое што е окарактеризирано со национални опустошувања, економско уназадување и корупција која што цвета“, рече Николоски.
Николоски пред струмичани ја презентираше програмата за Обнова на Македонија, додавајќи дека главен фокус на програмата е економијата, односно како што рече тој главен фокус ќе биде економијата, затоа што тоа е срцето на секоја една држава и тоа е срцето на подобриот живот.
„Се обврзуваме со нашиот тим на чесни луѓе, со нашиот тим на експерти кои што работеа на програмата за Обнова на Македонија дека во следниот четиригодишен период ќе реализираме преку 1000 проекти за доброто на Македонија. Наш главен фокус ќе биде економијата, затоа што тоа е срцето на секоја една држава и тоа е срцето на подобриот живот. Во делот на економијата се обврзуваме дека невработеноста ќе ја спуштиме под 10 проценти. Се обврзуваме дека платите ќе растат и ќе пораснат најмалку за 25 проценти во следниот четиригодишен период. Се обврзуваме на кратење на даноците, сегашните даноци пред се данокот на доход и персоналниот данок, како и данок на профит ќе се намалат на 8 проценти рамен данок. Во делот на економијата одвојување од најмалку 1 денар од акцизата на горивата за развој на спортот, нешто што ни е насушно потребно како држава, особено надвор од Скопје, затоа што потребно е да се развиваат спортските клубови“, вели тој.
Николоски најави вистински инфраструктурен бум во ИЕ 4.
„Во делот на инфраструктурата, инвестиции за четири години од над 4 милијарди евра. Довршување на она што е започнато и изградба на нови решенија. Во четвртата изборна единица изградба на капиталниот проект за Македонија кој што треба да ја отвори централна Македонија, а тоа е автопат од Велес преку Прилеп и Битола. Во четвртата изборна единица довршување на експресниот пат од Штип до Радовиш, како и изградба на исти таков од Радовиш до Струмица и ревитализација, реконструкција и проширување на патот од Струмица до Ново Село и до бугарска граница, со што Струмица и Скопје, како и Струмица и Бугарија и Струмица и на север Србија автопатски ќе бидат поврзани што дополнително треба да го забрза економскиот раст. Интензивна гасификација, ама не гасификација како што видовме во Струмица каде што гасот од најевтин енергенс стана најскап, туку гасификација која што ќе значи дека граѓаните и стопанството ќе го користат најевтиниот реагенс, тоа е гасот. Поврзување на слободните технолошко и индустриски развојни зони со гасоводна мрежа која дополнително ќе го намали трошокот во истите тие зони. Силен инвестициски бум, а не празни економски зони како што за жал имаме во Струмица“, посочи Николоски.
Носителот на изборната единица Николоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на враќање на функционална правна држава и одговорност за криминалот и корупцијата, односно како што рече нулта толеранција за корупција.
„Враќање на функционалната правна држава во овие три години на СДСМ, но и 5 години од политичка криза целосно е погазен системот на владеење на правото. Се обврзуваме на воведување на функционална правна држава и одговорност за криминалот и корупцијата“, вели Николоски.
Во однос на образовниот и здравствениот систем, Николоски нагласи дека ќе има повисоки плати за образовниот кадар, како и силен инвестициски бум во здравството, но и зачувување на лекарите и медицинскиот персонал во државата.
„Во делот на образованието силен раст на платите на наставниот кадар со цел да имаме подобро образование деца. За основното и средното образование плата од 36.000 денари, а за високото образование плата до 100.000 денари. Во здравството силен инвестициски бум во делот на ревитализација на постојните капацитети, изградба на нови, но уште позначајно задржување на лекарите и медицинскиот персонал дома и инвестирање во нови“, рече Николоски.