Кандидатот на ДУИ за премиер Насер Зибери изјави дека негова заложба во првите 100 дена како премиер Албанец ќе биде да работи на подобрување на иднината на младите и на воведување на задолжителни часови по албански јазик од 5-то одделение.
– Мојата заложба во текот на првите 100 дена како премиер Албанец предвидува исто така и подобрување на иднината на нашите млади. Ќе го направиме задолжително предучилишното образование и ќе обезбедиме градинки во секоја општина, рече Зибери при денешната средба со наставничкиот кадар во дворот на училиштето „Хасан Приштина“ во Чаир.
За неговата заложба за воведување на задолжително изучување на албанскиот јазик од 5-то одделение, Зибери рече дека Законот за јазиците е донесен во Собранието и оти сега веќе албанскиот јазик е официјален јазик во земјата.
– Ова е најважното достигнување за нас Албанците, истакна Зибери.
Вети и зголемување на платата на наставниците на 600 евра со што, како што рече, ќе се валоризира нивната работа.
Заедно со Зибери денеска беше и носителот на кандидатската листа на ДУИ во Втората изборна единица Арбр Адеми, кој најави инвестиции во образовната инфраструктура, изградба и реновирање на градинките и училиштата во албанските населби.
– Да изградиме еднаква инфраструктура, училишта и модерни градинки, дури и во населбите
што се изоставени во однос на инфраструктурата долги години, рече Адеми.