Крушево и крушевчани ќе ја чекаат  Комисијата за заразни болести да каже како ќе се прославува Илинден и како ќе се одвива манифестацијата „10 дена Крушевска Република“.

Според крушевскиот градоначалник Томе Христоски, кој е и претседател на манифестацијата „10 дена Крушевска Република“, големиот Илинден и 117-годишнината од Илинденското востание ќе се прослават достоинствено, но очигледно ќе изостанат собирањата. Само се знае дека програмата на манифестацијата ќе биде скратена, но за сѐ друго, треба да даде препораки Комисијата.

-Владата ја задолжи Комисијата за заразни болести утре и задутре да изготви препораки и решение за прославите за Илинден во Пелинце, Скопје и во Крушево. Факт е дека нема да има големи собирања, но Комисијата ќе го каже своето. Манифестацијата „10 дена крушевска република“ ќе биде со скратена програма. Најбитно ни е да се задржи достоинството за одбележувањето на големиот Илинден, на потсетувањето на големината на Илинденското востание, но за се друго ќе ги чекаме препораките. Од тоа зависат и прославата и програмата на Манифестацијата, изјави Христоски.

Инаку, Манифестацијата традиционално почнува на 1 август. Крушево ги пречекува коњаниците, на Гумење се подигнува знамето на Републиката со пригодна програма. Во 10-те дена вообичаени се бројните културни настани во чест на значењето на Илинденското востание. Централната прослава е на 2 август, на Илинден, на Мечкин Камен.