Нови 137 случаи на Ковид-19 беа регистрирани вчера, оздравеа 131 лице, а починаа десет. Здравствените власти, сепак, епидемиолошката состојба ја оценуваат како генерално стабилна и сметаат дека засега нема потреба од рестрикции.
Најмногу нови случаи се регистрирани во Скопје – 64, потоа во Штип – 19, Струга – 14, во Куманово и Тетово – седум, Гостивар – шест, Охрид – пет, Кичево – четири, Свети Николе – три, по два во Битола, Радовиш и Прилеп и по еден нов случај во Велес, Крушево и Демир Хисар, соопшти Министерството за здравство.
Пациентите кои оздравеле се од Скопје-41, Охрид-36, Струга-25, Тетово-11, Штип-10, Гостивар-5, Велес-3.
Од починатите, пет пациенти се од Скопје, двајца од Куманово, по еден пациент од Тетово, Гостивар и Радовиш.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, како што соопшти вчера Министерството за здравство, почина пациент на 66 години. Во ГОБ „8 Септември“ починати се пет лица на возраст од 79, 76, 82, 61 и 72 години.
Во Институтот за белодробни заболувања Козле почина 81-годишен пациент. Во ОБ Куманово е починат пациент на возраст од 80 години. Во ОБ Гостивар е починат пациент на возраст од 63 години, во „Филип Втори“ е починат пациент на 67 години.
Вкупниот брј на дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 9547, оздравени се 5071, починати вкупно 442, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 4034.
И натаму Скопје е со најмногу активни случаи на Ковид-19 со 1909, следуваат Штип со 333, Тетово со 297, Куманово – 252, Гостивар – 207, Свети Николе – 190, Струга – 184.
Активни случаи во скопските општини најмногу има во Чаир – 275, Гази Баба – 206, Аеродром – 200, Карпош – 174, Центар – 162, Кисела Вода – 158, Бутел – 140, Ѓорче Петров – 120, Сарај – 115, Студеничани – 109, Шуто Оризари – 105.
На Инфективната клиника вкупно се хоспитализирани 80 пациенти. На кислородна поддршка се 33 пациенти и нема пациенти на респираторна машина. Во болницата во Козле се хоспитализирани 17 возрасни пациенти позитивни на Ковид-19, седум позитивни деца, едно дете и една мајка суспектни на вирусот. Во ГОБ „8 Септември“ вкупно хоспитализирани се 91 пациент. На респираторна машина се шест пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 33, а во болницата во Штип се хоспитализирани 46 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 125 пациенти – позитивни и сомнителни на Ковид-19.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера ја оцени епидемиолошката состојба како генерално стабилна и дека има се помалку пациенти во болничките одделенија, па нема потреба од рестрикции. Тој нагласи дека засега нема најава за нови дополнителни рестрикции, нема никаква индикација, или пак, кој било параметар да укажува дека ситуацијата се влошува – и во однос на број на новодијагностицирани пациенти, и во однос на број на пациенти кои треба да се хоспитализираат.
Според него тој број е константен подолг временски период. Околу 10 проценти од вкупниот број активни дијагностицирани пациенти, како што вели, се сместени во болниците и така останува овој тренд. Тој смета дека добро се менаџира и оти епидемиолошката состојба ја имаат целосно на увид, имајќи го предвид, како што посочи, масовното тестирање што го прават.
Тој истакна дека не се планирани рестрикции во работата на економските оператори, ниту пак рестрикција во движењето во било кои делови на државата, нагласувајќи дека постојат протоколи и тие треба да се почитуваат, а доколку не се почитуваат треба да се санкционираат прекршителите.
– Во однос на прекршувањето на протоколите – има протоколи за работа буквално за сите економски оператори и веќе постапија надлежните инспекторати, како што се Државниот пазарен инспекторат и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, а каде имаше потреба и Инспекторатот за труд, и со тоа се преземени соодветни мерки. Не може да се воведуваат рестрикции заради нечие непочитување на веќе постојните мерки и протоколи. Така што нема никаква индикација дека мерките ќе се заоструваат. Повторно апелирам да се почитуваат мерките. Сите економски оператори ги имаат добиено протоколите и нема проблем никаде каде тие се почитуваат, додаде Филипче.
Досега во земјава се направени вкупно 89 703 тестирања на Ковид-19.
Според последните податоци, во светот со новиот коронавирус досега се заразиле над 15,2 милиони луѓе. Од нив починале околу 622 илјади, а оздравеле 9,2 милиони луѓе.