Претседателот на Собранието на Република Македонија, Tалат Џафери го потпиша Решението за свикување на Првата – Конститутивна седница на Собранието на Република Македонија.

Конститутивната седница ќе се одржи на 4.8.2020 година (вторник), со почеток во 12 часот.

Со оглед на новонастанатата состојба со пандемијата Ковид-19 и во согласност со препораките од Комисијата за заразни болести, Конститутивната седница ќе се одвива според протоколи и критериуми коишто се утврдени во претходна координација со претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски, со единствена цел да се намали ризикот од евентуално ширење на заразата од коронавирусот.

На пратениците, на гостите и на претставниците на медиумите при влезот во зградата на Собранието ќе им биде мерена телесна температура, по што ќе им биде овозможено да влезат во зградата. На сите влезови ќе бидат обезбедени средства за дезинфекција.

Бидејќи станува збор за вонредни околности и е неопходно одржување на задолжителна физичка дистанца меѓу пратениците, Конститутивната седница ќе се одржи во Големата сала на Собранието на Република Македонија, односно во салата позната во јавноста како Голема купола. Пратениците ќе бидат на соодветна дистанца и ќе им биде обезбедена заштитна опрема.

Гласањето на седницата ќе се одвива рачно (со картончиња), а од седницата ќе има директен пренос на Собранискиот канал на Националниот радидифузен сервис МРТ.

Пренос од Конститутивната седница гостите ќе следат од пленарната сала „Македонија“, каде што ќе биде обезбедена неопходната физичка дистанца.

Во текот на денот, во сите простории каде што има активности, по нивното завршување ќе се прави дезинфекција.

Во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести и за претставниците на медиумите ќе важат одредени протоколи за следење на Конститутивната седница, со цел да се намали ризикот од ширење на коронавирусот.

За да се избегне поголемо групирање, Конститутивната седница ќе може да ја следат најмногу по двајца претставници од секој медиум.