Тројца пациенти починаа вчера од вирусот Ковид-19, со што вкупниот број на починати од оваа болест достигна 500.
Ковид-19 е најризичен за постарите лица, односно предизвикува поголема смртност кај лица на возраст над 60 години и кај лица со основни медицински состојби, како што се кардиоваскуларни заболувања, хронична респираторна болест, дијабетес и карцином.
Повторно се апелира за почитување на мерките за заштита – носење маска, одржување дистанца и зачестена хигиена на рацете.
Тројцата пациенти кои починаа се од Битола (на 73 години), еден од Демир Хисар на 73-годишна возраст и еден од Скопје на 44 години. Сите пациенти се починати во болнички услови.
Инситутот за јавно здравје вчера регистрира 74 нови случаи со Ковид-19: во Гостивар-22, Скопје-14, Штип-13, Куманово-осум, Виница-четири, Кавадарци, Берово и Свети Николе по три, Кичево-два, Струга и Кочани по еден. Во текот на вчерашниот ден регистрирани се и 90 оздравени пациенти од: Скопје-23, Тетово-17, Свети Николе-17, Штип-11, Гостивар-девет, Радовиш-пет, Кавадарци-три, Куманово, Дебар, Велес, Охрид и Кочани по еден.
Вкупната бројка на КОВИД дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 11.128, бројката на оздравени пациенти е 6.972, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3.656.
Во Скопје има најмногу активни случаи на Ковид-19 – 1.363, во Штип – 430, Гостивар – 282, Куманово – 269, Тетово – 220, Струга – 203, Свети Николе – 151, Дебар – 117, Кичево – 108.
Скопските општини Чаир и Аеродром се со најмогу активни случаи, следат Кисела Вода, Гази Баба, Карпош, Центар, Шуто Оризари. Во Чаир има 168 активни, Аеродром – 156, Кисела Вода – 148, Гази Баба – 137, Карпош – 118, Центар – 116, Шуто Оризари – 115.
На Инфективната клиника вкупно се хоспитализирани 92 пациенти од кои на кислородна поддршка се 48 пациенти, а еден е на механичка вентилација. Во болницата во Козле се хоспитализирани 10 возрасни пациенти позитивни на Ковид-19 и три деца позитивни, како и седум пациенти суспектни на вирусот. Во ГОБ „8 Септември“ вкупно хоспитализирани се 95 пациенти од кои на респираторна машина се четири пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 26, а во болницата во Штип се хоспитализирани 50 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 114 пациенти – позитивни и сомнителни на Ковид-19.
Досега во земјата се направени вкупно 106.047 тестирања на Ковид -19.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера соопшти дека досега се обезбедени 61 единица конвалесцентна плазма за третман на пациенти со Ковид-19. Крвна плазма, посочи тој, може да дарува лице кое оздравело од коронавирус.
– Ајде да бидеме хумани и да им помогнеме на пациентите кои сѐ уште се борат со овој непредвидлив вирус. Да ја покажеме нашата грижа, да даруваме и да спасиме човечки живот. Апелирам на солидарност, затоа што нема ништо поважно од нашето здравје и здравјето на нашите најблиски, напиша вчера Филипче на ФБ.