Во Психијатриската болница во Демир Хисар има 19 лица со Ковид-19, при што едно веќе починало, објави Телма.
Случаите се откриени со тестирање на 58 од вкупно 296 пациенти колку што има вкупно во оваа институција.
Најголем број од пациентите се над 55 годишна возраст, а еден има 27 години. Позитивни и се двајца вработени – една медицинска сестра и еден физички работник.
Според Министерството за здравство, во Градската болница „8 Септември“ починал еден пациент од Психијатриската болница во Демир Хисар кој бил на 73-годишна возраст и тој е регистриран во редовната статистика од 3 август.
Вчера во оваа болница биле земени уште 29 брисеви за тестирање на пациенти во одделението каде има двајца позитивни на коронавирус, а земен е брис и на вработен во одделението.
Од Министерството за здравство велат дека оваа институција уште од самиот почеток на пандемијата има протокол за прием на пациенти кој освен мерење телесна температура и епидемиолошка анкета, пациентот мора да помине 14 дена во изолација во посебен објект во установата наменет само за тоа.