Министерот за здравство во заминување, и предложен за нов мандат, Венко Филипче вели дека се е подготвено за отворање на градинките и дека на седница на Владата ќе треба да се одлучи точниот датум кога ќе почнат со работа.
Тој додава дека градинките биле подготвени да почнат со работа уште во септември.
– Ги разработивме новите протоколи за градинките, со намалување на бројот на децата во групите и едукацијата на воспитувачите и сметам дека е безбедно отворањето. Датумот за нивно отворање ќе го определи Владата, а лично сметам дека тие може да почнат со работа и во септември, изјави Филипче.
Протоколите во градинките се задолжително мерење на температура, посебни постелнини за секое дете, раздалеченост меѓу креветите. Од Министерството за труд и социјална политика за порталот Република одговориле дека во една група би имало 15 деца.
-Министерството за труд и социјална политика и Комисијата за заразни болести подготвија Протокол за активностите во установите за згрижување и воспитание на деца по укинување на вонредната состојба и истиот беше усвоен од Владата на 29 мај 2020 година. Согласно Протоколот, воспитните групи за деца до две годишна возраст треба да имаат по максимум 6 деца и групите за децата од 3 до 10 годишна возраст да имаат по максимум 15 деца, велат од МТСП за Република.
За основците и средношколците новата учебна година ќе почне на 1 октомври. Учениците од прво до третто оделение дел ќе одат на училиште , а останатите ќе учат он – лајн.