Поранешната министерка за труд и социјала, па потоа вицепремиерка, Мила Царовска за три години седна во трета министерка фотелја, откако денеска ја презеде функцијата министерка за образование и наука од досегашниот министер Арбер Адеми.

На примопредавањето Царовска и Адеми разговараа за тековните процеси во Министерството за образование и наука, како и за идните планови и предизвици, за соработката во изминатиот период, особено во создавање инклузивно образование, јакнењето на средните стручни училишта и пилотирањето на дуалното образование.

– Царовска на средбата истакна дека нејзиниот врвен приоритет, а истовремено и приоритет на новата Влада, е започнување на учебната година 2020/2021 во услови кога земјата се соочува со пандемија на КОВИД-19 од светски размери. Царовска на состанокот со Адеми рече дека ставот на новата Влада е да ја започенеме учебната година на 1 октомври со комбиниран модел на настава. За таа цел веќе се подготвени и усвоени протоколи за учење со физичко присуство, а во тек е и изработка на единствена национална платформа за учење на далечина, соопшти МОН.

Во соопштението се додава дека новата министерка за образование и наука истакна дека е свесна дека секој наставник, ученик, родител има свои желби и размислувања за тоа како треба да изгледа наставата, но дека треба да се најде баланс помеѓу заштитата на јавното здравје и учењето. Царовска рече дека со заеднички заложби е сигурна дека успешно ќе ја завршиме оваа училишна година.