Поради неефикасност во уништувањето на комарците со запрашување од воздух, Град Скопје најави дека од денеска до петок ќе вршат и терестична дезинсекција, односно запрашување од копно.
Прскањето од земја против комарци, според соопштението на Град Скопје, ќе се врши во периодот од 9 до 3 часот, наредниот ден. И за прскањето од земја против комарцви како и за прскањето од авион важи истото правило, доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, прскањето ќе се изврши првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, во истиот термин.
Пред една недела градоначалникот Петре Шилегов тврдеше дека честото прскање против комарци може штетно да влијае врз здравјето на граѓаните.
– Препораките на Инстутот за јавно здравје е дека прскањето со инсектициди ако е зачестено може да го загрози здравјето на граѓаните, што е нешто што јас мислам дека треба да се има в предвид. Токму затоа беше одбрано да имаме пауза од десеттина дена, изјави Шилегов.
Според договорот на Градот, прскањето против возрасни комарци ќе заврши неделава, а во Скопје летово ќе може да се прска уште еднаш и тоа за уништување на ларвите од комарци. Ако има потреба од дополнително прскање ќе треба да се направи анекс договор со фирмата со која е склучен договор за дезинсекција за оваа и за наредната година, велат од Град Скопје.