Во повеќе од шестотини основни и средни училишта во земјава, денеска почна настава со физичко присуство со спроведување на здравствени протоколи. Во најголем дел од училиштата, со физичко присуство настава следат учениците до трето одделение, а во повисоките одделенија ќе учат онлајн од дома.
Премиерот Зоран Заев и министерката за образование Мила Царовска за почетокот на учебната 2020/2021 година го посетија скопското основно училиште „Јан Амос Коменски“ во Карпош од каде што упатија пораки за успешна настава за учениците и наставниците.
По посетата на училиштето, премиерот изјави дека во „Коменски“, а уверен е, како што рече, дека така е во сите други училишта, подготвено ја почнуваат учебната година и дека сите мерки и протоколи за настава со физичко присуство се исполнети и се набавени термометри, средства за дезинфекција и сите се запознати за новите услови за одржување на наставата.
-Овој е посебен ден што децата, првачињата ќе го паметат целиот свој живот. Сепак, оваа школска година не наликува на ниту една од претходните. Поради коронавирусот во училиштата ќе се спроведиваат мерки за заштита на здравјето на децата и на наставниците. Да бидеме солидарни и да покажеме разбирање во целиот овој процес. Ако сите се придржуваме до мерките, полесно ќе ја поминеме оваа училишна година и на тој начин ќе се погрижиме таа да биде единствена и последна ваква година. Што се однесува на онлајн-платформата, беа тестирани и детектирани сите работи што требаше да бидат коригирани за да се надминат сите предизвици, изјави Заев.
Нагласи дека првпат во државата се воспоставува, како што рече, ваков гломазен онлајн-систем и дека ќе се вложат максимални наспори се да се спроведе без или со најмалку можни проблеми кои ќе се надминуваат во континуитет, порачувајќи – сите сме заедно во ова и секоја соработка и поддршка од родителите, наставниците и учениците е добредојдена.
Посебна порака упати до наставниците кои, како што рече, во услови на пандемија добиваат уште една плус обврска и одговорност, но е уверен дека благородноста на оваа професија ќе биде доволно силна и оваа нова грижа за децата и за себеси ќе ја практикуваат на најдобар начин.
На новинарско прашање за децата што имаат проблеми за следење настава онлајн, рече дека сите проблеми ќе ги решаваат во од. ИТ-уреди и интернет, рече, се обезбедени во поголем број училишта. Остануваат само во мал дел каде што треба да се набават, но за нив ќе се доставуваат снимени и печатени материјали. Посочи дека постапката за набавка на ИТ-уреди трае неколку месеци, а според податоците се работи за околу 40 000 деца.
– Секако, ќе направиме сè во рамки на нашите можности, способности и капацитети како држава, да не оставиме ниту едно дете кое нема да почне школската година. Верувам дека ќе успееме, пред се со буџетот на институциите, но и со солидарноста на компаниите – државни и приватни, како и на граѓаните што помагаат, да има еднаков третман на сите деца, без разлика дали живеат во селата, градовите или во главниот град, рече Заев.
Честитки и пораки за успешна учебна година во специфични услови упати и министерката Мила Царовска која и овојпат нагласи дека е многу важно процесот да биде поддржан од сите. За дигитализацијата на наставата рече дека само за еден месец е направен децениски скок во системот, обучени се наставниците, а и учениците се заинтересирани за онлајн-настава затоа што, рече, тоа е нивната природна средина.
Соопшти дека во најголем дел од училиштата во државата е почната онлајн-наставата, а некои училишта се доопремуваат со техничка опрема и инфраструктура и очекува условите да бидат исполнети со заложба и на градоначалниците.
– Предизвикот е пред сите нас и треба да покажеме дека образовниот систем може да се носи и во вакви вонредни околности. Ќе имаме многу предизвици, оваа годона ќе биде поразлична и треба да бидеме флексибилни. Не сме тука затоа што сакаме, туку затоа што мораме, рече Царовска, нагласувајќи дека се важни заштитата на јавното здравје и обезбедување континуитет на образовниот процес.
Покрај настава со физичко присуство и учење од далечина, настава од денеска ќе има и на Македонската радио-телевизија, на македонски и на албански јазик. Распоредите на часовите од прво до деветто одделение се објавени на веб-страницата на Министерството за образование и наука.