Американскиот претседател Доналд Трамп накратко излезе од воената болница „Волтер Рид“, во која е хоспитализиран поради коронавирус, и од автомобил ги поздравил своите приврзаници.
– Претседателот Трамп кратко се провози во колона возила со цел да ги поздрави своите приврзаници пред болницата и веднаш се врати во претседателскиот апартман во медицинскиот центар „Волтер Рид“, соопшти Белата куќа по „кратката прошетка“ на американскиот претседател.
Тој е забележан во колоната возила, која полека минала покрај болницата, каде биле собрани негови приврзаници.
Своето ненадејно излегување го снимил и го објавил во кратко видео на Твитер.
– Мислам дека малку ќе ги изненадиме некои големи патриоти кои се на улица, напишал Трамп на Твитер и им заблагодарил на лекарите.
Новинарите акредитирани во Белата куќа упатија критики до Трамп бидејќи не биле известени за неговото кратко и ненадејно излегување од болницата.
– Ова е преседан претседателот да ја напушти болницата, дури и на кратко, среде здравствена криза без мерки, и да им се овозможи на американските граѓани да знаат каде е нивниот претседател и како е тој. Американската јавност сега заслужува повеќе од кога било да биде независно информирана за претседателот и да добие вистинска информација за неговото здравје, се наведува во соопштението на новинарите.
Невообичаено е новинарите кои се акредитирани во Белата куќа да не го следат движењето на шефот на државата.
Нова видео порака: Научив многу за Ковид-19, ова е вистинско училиште
Американскиот претседател Доналд Трамп, сними нова, втора видео порака до Американците откако пред три дена излезе позитивен на коронавирусот и веднаш беше сместен во воената болница „Валтер Рид“, затоа што почнал да ги чувствува симптомите на болеста, јавија светските агненции.
Трамп во неа порачува дека во болницата научил многу за Ковид-19, дека ова што му се случува е вистинско училиште и дека има намера да зборува за тоа.
-Ова е многу интересно патување. Научив многу за Ковид-19, кажува американскиот претседател во видео пораката објавена на неговата страница на Твитер.
„Тоа го научив со тоа што сега навистина одам на училиште. Ова е вистинското училиште. Ова не е училиште каде се читаат книги и јас го сфаќам тоа. И разбирам. И тоа е многу интересна работа. И ќе ви кажам за тоа. Во меѓувреме, ние ги сакаме САД и сакаме што се случува “, рече тој.
Тој во пораката додава дека додека е во болница успеал да се сретне со „некои од војниците и одличните вработени“.
Трамп на видеото најави и изненадување за своите фанови. Тоа што го мислеше го покажа веќе 15 минути подоцна кога на видео на Твитер се појави во поворка со автомобили пред болницата, мавтајќи им на фановите.