Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека не очекува Бугарија да го попречува стартот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ.
Тој додаде дека идентитетските прашања, македонскиот јазик, македонскиот народ, се право на самоопределба, што не може да се оспорува.
– Уште еднаш напоменувам – идентитетските прашања, македонскиот јазик, македонскиот народ се право на самоопределба. Бугарија е европска земја и верувам дека во самите разговори, во самите документи е заради нивните напори, амбиции и оправдани желби да се најде заедничкото решение на заедничкото чествување на Гоце Делчев. Никако не очекувам да имаме пречки во тој дел заради тоа што дефинитивно од почетокот до ден денес Бугарија е еден од најголемите, ако не и најголем поддржувач на РС Македонија во интеграциите во ЕУ. Бугарскиот народ сака да помогне на македонскиот народ, македонскиот народ сака пријателски да биде определен кон бугарскиот народ и така ќе се движат и самите политичари или институции соодветно на желбата за пријателство и за уште поголема соработка, рече Заев, одговорајќи на новинарско прашање на денешното одбележување на Светскиот ден на наставниците на плоштадот „Македонија“ во Скопје.