Имаме силна политичка волја и подготвеност за целосно и длабоко спроведување на структурните реформи, истакна премиерот Зоран Заев во емисијата „Економски магазин“ на ТВ АлсатМ, на прашањето каков е одговорот на Владата во однос на ова прашање кое го нотира и Европската комисија во годинешниот извештај за нашата земја.
Некои од тие мерки, укажа, се непопуларни, но ќе мора да бидат спроведени.
– Драстичното намалување на непродуктивните трошоци, вклучително тука и намалување на администрацијата за 20 проценти е нешто што ќе ослободи дополнителни финансиски средства за да ја помагаме економијата со капитални инвестиции. Нашата продуктивност мора да ја изедначиме со онаа на земјите од ЕУ, а тоа ќе дојде со доследно спроведување на реформите од правосудството до образованието, нагласи премиерот Заев.
Тој потенцираше дека дигитализацијата мора да ја прифатиме како неопходност и тоа оваа криза го покажа како суштинска потреба.
-Многу од традиционалните работни места ќе исчезнат, но затоа со дигитализацијата се отвора многу широк спектар на нови или досега недоволно прифатени. Секоја криза носи и можности кои треба да ги препознаеме и да направиме предност од нив, и ние мора да се подготвиме да работиме во вакви околности“, потенцираше премиерот Заев.