Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби денеска во својот кабинет оствари средба со градоначалникот на Бујановац, Нагип Арифи.
Груби и Арифи на средбата разговарале за политичката состојба во Македонија и во Србија, односно во Прешевската Долина, како и за други важни настани во регионот. Како што соопштија од Кабинетит на Груби, тие размениле мислења и за можностите за соработка што Македонија може да им ја понуди на граѓаните од Прешевската Долина.
– Првиот вицепремиер Груби и градоначалникот на Бујановац Арифи разговараа и за Охридскиот Договор, како еден успешен модел за социјална кохезија и граѓанска еднаквост, како и за процесот на пописот на населението во двете наши земји, се наведува во соопштението од Секторот за односи со јавност на Груби.
Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, го информирал градоначалникот Арифи дека Македонија, сега членка на НАТО, се очекува наскоро да ги започне преговорите за членство во Европската Унија и го охрабрил преку влијанието на албанскиот политички фактор да придонесуваат Србија што побрзо да се приклучи на овој пат.
– Груби изрази задоволство од обединувањето на албанскиот фактор и добивањето 3 мандати на последните парламентарни избори, стои во соопштението од Сектор за односи со јавност, Кабинет на првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Груби.