Бугарија многу веројатно ќе стави вето на приемот на С. Македонија во Европската Унија и покрај првичните тврдења дека таа нема да ја попречува поранешната југословенска република да се приклучи кон блокот, наведува грчкото електонско издание „Грик Сити Тајм“.

Порталот потсетува дека бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева најави дека нејзината земја ќе го блокира влезот на Македонија во ЕУ, ако земјата „не признае дека нејзиниот национален идентитет и јазик имаат бугарски корени“.

– Барањата на Бугарија не се нови и таа веројатно ќе се одлучи на вето. Западните сили се заинтересирани за членство на С. Македонија во ЕУ и се очекува да извршат притисок врз Бугарија да се откаже од своите барања или да се постигне компромис. Но, дури и да ги започне преговорите за членство, С. Македонија има уште многу да направи до приемот во ЕУ, додава „Грик Сити Тајмс“.

Грчкото издание потенцира дека сепак изненадува што Бугарија се противи на влез на Македонија во ЕУ, но не се спротивстави на членството на земјата во НАТО.

– Ова наведува на заклучок дека Бугарија смета оти спротивставувањето на руското влијание на Балканот претставува поважен приоритет од заштитата на бугарскиот јазик и идентитет во С. Македонија, смета порталот.

Според „Грик Сити Тајмс“, противењето на Бугарија за членство на Македонија во ЕУ е понижувачко од грчка перспектива, бидејќи не само што ги поткопува заложбите на Грција за насочување на балканските земји кон членство во ЕУ, туку и нејзината одлуката да го признае македонскиот јазик во 2018 година.

– Со ова Атина се вовлекува во спор што не ја засега, особено имајќи предвиде дека не постои специфичен меѓународен договор за дефинирање на јазикот, наведува „Грик Сити Тајмс“, додавајќи дека Договорот од Преспа во 2018 година, со кој се реши спорот околу името меѓу Атина и Скопје, беше склучен „единствено за да може С. Македонија да влезе во НАТО“.