Од сите нас зависи каков ќе биде светот после Ковид-19, но сега ја имаме шансата која не смееме да ја пропуштиме за да го направиме подобар. Светот е исправен пред заеднички непријател кој за многу кусо време покажа дека не ги признава границите. Со право, граѓаните го свртеа погледот кон нас лидерите, со очекувања да изнајдеме брзи и ефикасни решенија, истакна премиерот Зоран Заев на неговиот фејсбук-профил.
Тој наведе дека се обратил на Парискиот форум за мир, кој оваа година се одржува дигитално и преку видео-конференциска врска, а фокусот е ставен на пандемијата со Ковид-19.
– Секојдневно се обидуваме да изнајдеме соодветен одговор на кризата која треба заеднички да ја надминеме. Тука сме сите заедно да размениме идеи и најдобри практики со цел да изнајдеме решение за овој предизвик. Единството и солидарноста се потребни повеќе од кога било, посочи Заев.
Тој наведе дека претседателот на Франција, Емануел Макрон во своето обраќање подвлекол дека како никогаш досега на светот му треба нов консензус за прашањата од интерес на сите граѓани на глобално ниво, како што се пандемијата со Ковид-19, тероризмот и климатските промени.