Илинденското востание и Илинден се идентификуваат со македонскиот иредентизам, изјави лидерот на грчката опозициска Нова демократија Киријакос Мицотакис и порача дека неговата партија никогаш нема да го прифати ова име.
– Тоа е име што беше идентификувано со националистичко востание, кое тогаш, како централен слоган, го имаше Македонија на Македонците и формирање на една голема Македонија, со главен град Солун. Со други зборови, истото име за кое разговараше и веројатно уште разговара Ципрас, е олицетворение на иредентизмот, рече Мицотакис при посетата на грчкиот остров Крф.
Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција в четврток и в петок ќе имаат нова средба со медијаторот на Обединетите нации, Метју Нимиц, која ќе се одржи во Њујорк, откако викендов премиерот Зоран Заев по лидерската средба го обелодени предлогот за кој било разговарано на преговорите во Софија, Република Илинденска Македонија.