Покачувањето на акцизата на дизелот нема да ги погоди сиромашните граѓани, бидејќи 60 проценти од сиромашните домаќинства во Македонија немаат автомобил, е став на СДСМ, поради кој не го прифаќаат предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на акцизата, со цел намалување на цената на дизелот, соопшти опозициската партија.

– Картелот на власт на чело со Зоран Заев работи директно на штета на граѓаните. Покачувањето на акцизата може не влијае врз функционерите на СДСМ, но исклучително оптоварувачки влијае врз буџетот на граѓаните. Околу 50 милиони евра годишно е директната штета за граѓаните, земјоделците и стопанството од покачувањето на акцизата на дизелот. Индиректната штета, која резултира со покачување на цените на сите продукти и услуги е уште поголема, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија велат дека граѓаните живеат полошо од пред една година.

– Цените растат, а стандардот на граѓаните паѓа. Просечната платата во февруари е за околу 900 денари пониска од платата во јануари. Во исто време цените на мало растат, а трошоците за живот се се поголеми. Државата оди кон банкрот. Јавниот долг на државата ја надмина психолошката граница од 5 милијарди евра. Државата се задолжува по неколку пати во месецот, а граѓаните не знаат за што и како се трошат нивните пари. Хаосот мора да запре. Република Македонија мора да се врати на вистинскиот пат. Република Македонија заслужува просперитетна иднина, која ќе гарантира силна економија и институции кои ќе бидат сервис на граѓаните, се вели натаму во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ ги поканува, како што пишува, сите обесправени, сите разочарани и излажани од Зоран Заев и криминалниот картел кој го води, на голем антивладин собир на 2 јуни во 20 часот пред зградата на Владата на Република Македонија.

– Да тргнеме во оваа битка и конечно да ја поразиме оваа ненародна влада која што и се случува на нашата татковина, гласи пораката од ВМРО-ДПМНЕ.