Министерката за образование и наука Мила Царовска вели дека концепцијата за основното образование се носи низ широка дебата и треба да се дискутира за неа, но, дека мора да одиме напред, бидејќи тоа е дел од владината програма.
-И да не заборавиме, оваа концепција е дел од Стратегијата за реформи во образование 2018-2025, дел од Законот за основно образование донесен пред околу една година. Следната фаза е концепција и понатаму пишувањето на наставните програми. Ние во континуитет како Влада, и претходна и сега, сме насочени кон реформирање на образованието. Сега е моментот за имплементација, веќе влегуваме во имплементација, рече Царовска во гостување на А1он.
Како што соопшти МОН, министерката истакна дека сите стратешки документи се веќе донесени и во претходната владина програма и во оваа владина програма стои дека рационализација или интегрирање на предметите, зголемување на периодот на присуство во училиште како безбедно место и вон наставни активности и наставни часови и предмети.
-Сето ова се прави со цел да можеме да го постигнеме, да го извлечеме максималниот потенцијал од секој ученик, а со тоа понатаму и да го употребиме тој максимален потенцијал во општеството, вели Царовска.