Дарко ЈАНЕВСКИ

(Посветено на најновата херојска борба на Заев, неговите подапашанковци и нивните ментори против „лажните вести“ на домашните непријатели“, Бадник, 6 јануари 2021)

Да бидам искрен, од грижа за Ката наша ред не дојде да кажам, ама еве неколку дена се мачам, мислам, не спијам, час се потам, час студенило ме облева (среќа, ти благодарам Госп…, ух се извинувам, ти благодарам Заев, студенилото се повлекува), ама од петни жили се трудам уште отсега придонес да дадам и на Гебелсовата комисија за справување со дезинформации рака да и пружам. Оти едно да биде јасно – ѓаволот ни ора, ни копа, ама пак не ни спие. И кај и да е, на нас мисли. Да не излаже, да не заведе, мајтап да ни направи, во беља да не заглави. Ама, ах, „пуст да е, пуст да би останал животот кучешки“ (кој ли ги смисли овие зборови, пезевенк еден, веднаш да се убие во некој шума таму, и еј, како несреќа да изгледа), до ѓаволот само да е. Ама не е. Ете и оние од другата страна не мачат. Па час Божик, час Велигден, па литургии, библии… До кога вака со фејкови? И до каде?

Мислам, време е, еве и британската амбасадорка рече ќе ја поддржеле за фејк работата, да попрајме муабет за овие работи. И да се справиме со нив. Со овој опиум за народот. Зашто еднаш ја утнавме работата со таа Библија, еве јас ќе бидам самокритичен пред колективот, длабоко ќе се покајам, ама знаете, оној Сталин не беше човек од збор, Тито пак, малку работа, повеќе жени, виски и пури, кршете глава ни велеше и вие и тој ваш Господ. Арно ама, сега е времето, сега е да се биде или Шекспир да се запали. Зашто сега е време на половина грам од други работи, не на религија како опиум за народот. Тоа е застарено. И плус лажно. Фејк, што би рекол другарот ни Трамп и господата ни негови пријатели од Москва.

Оти, ај да ставиме рака на срце, онаа десната на левото, како што не учеше другарот Заев кој, о големино наша, две раце и две срца има, навистина ли верува некој дека Исус се родил на 25 декември (ај тоа со 7 јануари е српска и руска работа, остајте такви глупости). Мислам, среде зима кој уште раѓа деца, па после тоа уште за Египет да бега. Наместо да уплати во април или октомври, па попуст да фати, пирамиди и сфинги да види, па на раат да види „дали и таму с’нце светло угревјат како и ваму“, тој тргнал среде зима. Ај, анасана!

Или во декември, закажува ли некој попис, па ете Јосиф да мора Марија во Витлеем да ја носи. Со полн стомак. Не оди таа работа. Плус, бидете искрени, кој уште од тоа време по игротеки за роденден би одел на 25 декември? Па подароци, грепки и фискални во пликоа, ѓаволштини. Ништо од тоа. И, мислите, не мислеле тогаш и за тоа? И ќе раѓале во декември. Па уште и на 25-ти. Да, да!

Така што, прво, Гебелсчиња драги мои и мили, да го смениме датумот за Божик. Зашто, што е право, право е, овој датум сега е фејк. Лажен. И може ли ние тоа да го дозволиме ете баш сега кога блескаме, кога Хан веќе не коцкар, Јункер не е Јункер, а богами и Шон Конери и Роџер Мур веќе не се Џемс Бонд. Оти сфатија луѓето дека за да легнат нешто доволно е да фатат врски во МЕПСО ли беше, во Влада ли беше, и не мора да се кршат по филмови, да се бркаат со шпиони. Останаа Еди Рама и Меркел, ене го и Путин, ама појдете од тој првиот што „високи штикли и црни чорапи“ носи и ќе сфатите дека за нив е лесно. Посебно ако тој истиот е качен на платформа која, нели, е во главите на вмровците. А, кои, да бидам искрен, и онака не се некои глави. Освен таа на Крсто. Машала, да не го урочиме!

Второ, да смениме дека Марија зачнала бестелесно и дека останала невина и по раѓањето. Ене го Јаков, братот на Исус, кој запишал така, едно стотина години откако умрел, ама, ај повторно десна рака на лево срце, стар бил тогаш човекот. И мртов. Добро, не мртов, упокоен. И можеби не гледал, можеби слабо слушал, а можеби таа Саломија само лошо му кажала.

И се разбира, Гебелсчиња мои, мили и драги витаминкини енд Савкини, не оди тоа така, нели? Дезинформација е тоа, лага е тоа! Мислам, можеби вреди да ја прашаме Саломија, вистина ли е тоа, не ли е, како втора страна, така велат правилата зар не, башка што ние се навикнавме да бидеме прва (или обратно беше, ние бевме втора страна, не знам веќе, не шашардисаа ова Нобеловциве наши и грчки) ама пак, од кај знаеш дека и Саломија ќе каже како било. Оти рекет сигурно имало и тогаш, за смокви знаеме сигурно, само што Исус ја исушил, а тој пак, Исус, прости ми Заев, ја држел проповеди, ја потплаќал луѓе наоколу да лажат. Кој дека го лечел, кој дека мајка му била што била… Разберете го човекот. За мајка му се работи! И за Библијата!

А и Јаков, брат му, кој запишал што Саломија видела цел век откако умрел, велат можеби се шиткал, можеби не, Фонд некој за иновации имало и тогаш, па кој знае сега дали тоа што го напишал е вистина или лага. Не знам дали таа лага е пуштена и од Велес, како за изборите на Трамп и дали Велес, како што ја клекна Хилари, ни ја клекна и Библијата, ама ако ние сме виновни и сме ги завеле на крив пат Русите, Србите, Грците… како правоверци, плус ако ние на душа (ах, кај ќе ни оди таа?) и оние кривоверците кои ги води папата ги имаме, а ги има нешта над една милијарда, редно ќе биде самите и да ја исправиме таа грешка. И да го спасиме светот од овој афион за народот. Како што Лазо на времето не спаси нас. Настрана неговите кози, тие се веќе друга приказна.

Зашто после ќе дојде и Велигден. Ви се молам! Кој уште верува во таква дезинформација? Видел некој? А? Еве, ќе ја пуштите таа вест. Ќе дојде сабота, часовникот ќе отчука полноќ и оние со брадите, џиповите и со закланите и испечени јагниња, ќе почнат да врескаат „Хистос воскресе“! И? Прашавте втора страна? Некој сведок? Па нели Би-Би-Си, оној што ги наслика Катица, Фатиме и Ленче како Чарлиеви ангели, ве учеше како да бидете објективни? Британците џабе ли пари трошат, девет ипол милиони ќе дадат! Што ваму, што таму. А вие, вака, заземате страна, ај што заземате страна, тоа не е толку лошо, ама лошата ја одбравте. Не нашата! Не вистинската!

И така, ви текнува ли, го лажете народот дека Христос воскреснал и после тој оди во црква, па се моли, па вода џабе пие, се прска, ама ај сето тоа, туку и зејтин по 50 денари без фискална купува. Во ред, во времето на Исус немало мобилни за да ги скенира, не знаел тој, ама пак, сега е поинаку, скурдепсајте се малку. Не е ова први век.

Е, сега, некои велат, имало неколку жени, Марија била едната, отишле во неделата наутро и нашле празен гроб! Ама пак, жени како жени. Се замуабетиле, па на која вчера на кафе што и виделе, гобленот дали го погодиле, љубовникот дали и го каменувале…  и кој уште знае дали гробот на Исус го погодиле. Па после празен бил. Ами празен, каков да биде. А, народот на полноќ: „Христос воксресе!“. И после дезинформации. Дезинформации, ами како! Народ е тоа, лесно го лажат, глуп го прават. Гледате Американците. Еден Велес ги заеба, Трамп им го навјаса. И за Британците и за ЕУ ли да ви зборувам? Не другари. И дами-другарки. Кај нас тоа не смее да биде.

Затоа, не е доволно само нашата Комисија за вистина да работи. Не се ова ни избори, ни референдум, другари, па кој како сака, додуше со мало полнење кутии. На пет-шест секунди, ништо сериозно. Толку е брзо тоа, што ни оние од ОБСЕ ќоравине не можат да видат. Плус ако им дадеш сендвичи со по една плескавица (не се они наши па со посебна салама да ги раниме) и, ја вистина, ја не, со евра во средина наместо кашкавал, за шарска да биде, ја наполниме, е тогаш ич не гледаат. Оти јак ни е кашкавалот, а тие, кутрите, нежни стомачиња се!

Ама не другари. И дами-другарки. Ова не е тоа. Ова е посериозно. И затоа, не смееме да ја оставиме нашата Комисија за вистина сама, посебно не додека хер Гебелс е на Халкидики. Да се искапи човекот. И да ја стави куцата нога во врел песок. А Берија уште од Сибир не се вратил. Тргна човекот по тревки за мозочниот удар на Сталин и ене, уште го нема. Не другари, ова е време кога сите, како и сега за Мечкин Камен, треба да застанеме зад оваа наша мисија. Така како што сложно застанавме и зад мисијата со која онаа Македонија на Павле и ја оставивме на Грција. Па ете му ги тие, кои ем Грци, ем Македонци се, нив нека ги лаже дека Исус му се јавил, дека три дена после тоа не гледал, три дена ни вода пиел, ни леб јадел, па, Заев да чува и да брани, на крајта и Грк ем Македонец му се јавил, и дојди во Македонија му рекол… Нам ли тие работи? Силикон е тоа другари и дами ем другарки, не цицка. Нека не ве лажат.

Башка што човекот таму и затвор, вели, лежел, па ние ли сега за тој грев кабает да бидеме? Затоа, мои драги и мили, немојте сами Гебелсчињата наши да ги оставиме. Оти како што рекол Кенеди, не прашувај што државата сторила за тебе, туку прашај што си сторил ти за неа. Кај романската Секуритате кога го превеле тоа „што си сторил ти за неа“ испаднало „што си искодошил ти за неа“. После, истиот преведувач го најмиле и Штази и УДБА и Сигурими. И, отиде работата! Ех, младост, лудост. Ама ете, и тие луѓе ги кренавме, многу од нив новинари направивме, ќе помогнат сега ич да не се грижите. Башка што вие сега не треба да кодошите. Вие сте сега по западна Бурда кроени. И со западни пари. И тоа не се вика кодошење. Тоа се вика ловење дезинформации. И ве молам, имајте го тоа на ум. Од денеска. А од утре – акција. Како на Брчко-Бановиќи. Сите сложно и ударно.

Па да видат они, нам ќе „ни продавале“ Библија. Ха! Небаре не знаеме дека треба да е: „Заев наш, кој си на небесата, да се свети името твое, да дојде царството твое, да биде волјата твоја…!“ Мислите глупави сме!

(Во Скопје, 29 јули 2019 година, но, како да е денеска пишувано)