Европската Унија сака да се подготви за мутации на коронавирусот, за кои ќе бидат потребни промени во вакцините, соопшти денеска Еврокомисијата пред започнувањето на европската програма за проучување на тие варијанти на вирусот.
– Вирусот се развива и ќе продолжи да се развива. Важно е да се подготвиме за појава на мутации: некои се веќе тука, други, допрва ќе се појават, изјави портпаролката на ЕК, дополнувајќи дека новите вакцини ќе бидат насочени кон „чување и јакнење“ на имунитетот на луѓето, кога е коронавирусот во прашање.

Брисел утре треба да претстави јавно-приватна програма „подготовка за био-одбрана“, која вклучува институции, фармацевтската индустрија и истражувачки организации и е наменета за подготовки за следната здравствена криза во рамки на идната здравствена агенција ХЕРА.

Како што најави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, ЕУ ќе започне програма за проучување на мутациите на коронавирусот.

Наречена „Хера инкубатор“, иницијативата ќе обедини лаборатории, здравствени власти, научници и Комисијата со „значителни ресурси“, рече таа, додавајќи дека ЕУ ќе им помогне на производителите да го зголемат капацитетот за производство на вакцини од „втора генерација“.

Комисијата има намера да побара нови средства од земјите-членки заради прилагодување и за да ги измени договорите потпишани со производители на вакцини за да ги земат предвид мутациите на вирусот, се вели во нацрт-предлогот, кој го објави Блумберг.

– Европската агенција за лекови (ЕМА) ќе ги прилагоди правилата за да го забрза процесот на одобрување на нови верзии на вакцини кои веќе се одобрени во ЕУ, рече во неделата еврокомесарката за здравство Стела Киријакидес.

– Одлучивме дека подобрена вакцина за борба против мутација, заснована на веќе потврдена вакцина, повеќе нема да мора да поминува низ сите фази на процесот на одобрување, рече таа.