Договорот за изградба на гасоводот „Нова источна интерконекција на Република Српска / БиХ и Република Србија“ денеска во Бања Лука го потпишаа претставниците на Србијагас и компанијата „Гас-рес“ од Република Српска.

Со него Република Српска и БиХ ќе се поврзат со гасоводниот транспортен систем во Србија и со гасоводот „Балкански тек“.

Гасоводот ќе се гради од границата меѓу Србија и БиХ, преку Бјелина, Бања Лука, Приједор и Нови Град.

Договорот предвидува заедничко учество во изградбата на гасоводот Инџија-Мачвански Прњавор-Бјелина-Бања Лука-Нови Град, соопштија од Србијагас.

Должината на гасоводот на територијата на Србија ќе биде околу 90 километри, а на територијата на Република Српска 320.

Се планира капацитетот на гасоводот да биде 1,2 милијарди кубни метри природен гас годишно.

Договорот го потпишаа генералниот директор на Србијагас, Душан Бајатовиќ и директорот на „Гас-рес“, Ѓуро Гламошиќ, а присуствуваше и министерот за енергетика и рударство на Република Српска, Петар Ѓокиќ.