Нов конкурс за попишувачи ќе биде објавен во јули, најави директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.
Тој вели дека тие треба да бидат вакцинирани во август пред почетокот на презакажаниот попис од 1 септември.
– По одложувањето на пописот за септември, целиот процес ќе се повтори. Пред одложувањето, попишувачите беа во приоритетните за вакцинација, но 5 месеци е долг период и можно е во меѓувреме дел од нив да се вработат, а услов е попишувачите да се невработени. Ќе го повториме конкурсот за попишувачи, секако тие кои веќе беа избрани ќе имаат предност доколку повторно се јават на огласот, изјави Симовски.
Пред одложувањето на пописот во Куманово од 300 попишувачи само 100 се пријавиле дека сакаат да се вакцинираат со вакцината на „АстраЗенека“.
Симовски додава дека имунизацијата не е задолжителна и таа ќе биде на доброволна основа, а пред одложувањето на пописот ДЗС се соочил со ситуација во која голем број попишувачи одбивале да се вакцинираат.