Новата концепција за образование која што скоро беше донесена и новите програми предвидуваат и современ концепт на учебници, односно воведување електронски учебници. Со новиот закон за учебници фаќаме чекор со државите со квалитетно образование, вели министерката за образование Мила Царовска.
-Од прво до трето одделение учебниците се сепак во печатена форма за учениците да развијат однос кон книга, тоа е значајно за нивниот социјален и емотивен развој. Од друга страна, над четврто одделение тие и онака веќе се оспособуваат за дигиталните алатки и тие живеат и растат со дигиталните алатки, но ги насочуваме да ги користат и за корисни работи, не само игри и социјални мрежи, туку и учење и читање, вели Царовска во гостувањето на весникот на ТВ Сител.
Во светот од 2011 почнува трансформацијата на книгите од печатени во електронски, а нашата земја, додава, со задоцнување фаќа чекор со државите со квалитетно образование. Како примери ги посочи Канада од развиените земји која од 2011 година целосно се префрлува кон дигитални учебници, а од регионот платформата за електронски учебници Хрватска.
Во однос на учениците кои немаат електронски уреди, Царовска вели дека законот го зема и тоа предвид и предвидува решенија.
-Секаде каде што имаме можност користиме дигитални учебници. За учениците коишто немаат уреди електронски училиштето има обврска да ги испечати учебниците и да им ги даде, затоа што сега веќе не се заштитени авторските права па да морате од купен учебник да учите, го добивате учебникот во електронска верзија, но тој може во училиштето да биде испечатен и да биде дистрибуиран до учениците и родителите коишто имаат потреба од тоа. За сите ученици коишто немаат дигитални уреди училиштето има обврска да обезбеди библиотечен фонд на таблети на коишто ќе бидат поставени учебниците за да можат да ги добијат учениците на реверс да ги користат и секако да се враќаат и понатаму да се даваат на нови ученици, вели министерката за образование.
Процесот на реформа на образованието рече се спроведува со поддршка на Светска банка која одлучи да ја поддржи нашата држава во креирање на современо основно образование како база за развој на човечкиот потенцијал којшто го имаме во нашата држава.
-Ќе бидеме посветени на дигитални уреди за учениците коишто немаат можност да ги имаат истите, од друга страна за уредување на сите кабинети коишто веќе се на залезот на времето или ги немаат потребните материјали или ресурси коишто им се потребни на учениците. Така што паралелно со нов концепт, нови учебници, обуки за наставен кадар, работиме и на инфраструктурно подобрување и дидактичко подобрување во училиштата, рече Царовска.
За тоа дали учениците ќе се вратат во школските клупи наесен што е препорака на УНИЦЕФ, Царовска вели тоа ќе зависи од епидемиолошката состојба и препораките на здравствените власти.
-Сега имавме хибриден модел. Ние сепак имавме голем број од учениците во училница. Сите подрачни, рурални училишта, од прво до трето одделение беа во училница. Половина или повеќе следеа настава онлајн. За наредната година сепак сметам дека со Министерството за здравство и со Комисијата ќе дискутираме за прашањето како од септември согласно епидемиолошката состојба, согласно можностите ќе гледаме на кој начин ќе се вратиме во училница.Но сите ние сакаме да имаме полни училишта и наставниците, и МОН, и општините, и родителите и децата сакаат да бидат во училница. И мислам дека ќе успееме да имаме подобра ситуација од септември натаму, затоа што училницата не може да ја замени ништо, социјалната интеракција никој не може да ја замени, никако преку онлајн алатки, и затоа сметам дека ќе се потрудиме. Еве почна и вакцинацијата на наставниот кадар, таа е во континуитет, ќе се случува во етапи за да може да постигнеме кон тоа да училиштата бидат полни и весели школските дворови, вели министерката за образование Мила Царовска.