Од спроведени над 2.870.000 вакцинации во Грција, со првата доза се вакцинирани 2.025.00 граѓани, односно 19,3 отсто, додека пак 845.000 лица, односно осум отсто се комплетно имунизирани, соопшти генералниот секретар во Министерството за здравство на Грција, Мариос Темистиклеус, на денешната редовна прес конференција, јави дописничката на МИА од Атина.

Истакна дека од мај почнува третата фаза од операцијата „Слобода“, односно процесот на имунизација во земјата кога ќе функционираат 1.500 центри за вакцинации, а понатаму ќе се додадат и нови.

Од утре, како што беше најавено минатата седмица, се отвора платформата за пријавување за вакцинација на лицата од 30 до 39 години, исклучиво со вакцината на Астра Зенека, поради достапните вакцини, а истото ќе важи и за возрасната група 40-44, кои ќе можат од среда да се пријавуваат.

Во однос на вакцината на Астра Зенека, која во Грција се користи за лица над 30 години, денеска грчките медиуми објавија дека може да се забрани за бремени жени и за жени кои набргу планираат семејство, а претседателката на Националната комисија за вакцинација на Грција професорката Мариа Теодориду, истакна дека се очекуваат дополнителни податоци за употребата на конкретната вакцина за време на бременост, но објасни дека сепак е подобро бремените жени да одберат mNRA вакцина.

На денешната прес конференција Теодориду и Темистоклеус соопштија дека за оние кои ќе ја примат вакцината на Астра Зенека, ревакцинацијата може да е порано од 12 седмици, бидејќи постои флексибилност меѓу првата и втората доза и може да биде во период од осум до 11 недели.