Растат платите само на најбогатите, а тие со средни и ниски примања се борат за живот, се вели во денешната реакција од ВМРО-ДПМНЕ за фалбите на власта дека „континуирано расте просечната плата“ во Македонија.
-Економските политики на СДСМ дадоа резултат, со тоа што над 60.000 граѓани останаа без работа. Економските политики на СДСМ затворија над 6.200 фирми. Економските политики ја турнаа државата во рецесија, а над 500.000 граѓани преживуваат со едвај стотина денари на ден. СДСМ постојано го критикуваше ВМРО-ДПМНЕ дека ја презадолжува државата а притоа долгот беше околу 45% од БДП, се вели во соопштението.
А, денес, се додава натаму во соопштението, со „успешните“ политики на СДСМ долгот е 62,5%.
-Од 2006 до 2016 зголемувањето на јавниот долг е за 2,9 милијарди, но во исто време додадената вредност било 4,2 милијарди раст на БДП. Во време на владеење на СДСМ државата има зголемување на долгот за 2,5 милијарди, а растот на БДП од 1,8 милијарди односно имаме минус. Со економските политики на СДСМ во Македонија има рекордно низок процент на реализација на капитални инвестиции и никој не знае каде завршија овие пари. Ништо не се гради, а долгот на Македонија расте. Едноставно СДСМ нема концепт за економски реформи, се вели во денешната реакција од ВМРО-ДПМНЕ.